Македонија
28. February 2017 - 12:36

Крводарителска акција во Археолошки музеј на Македонија

Националната установа Археолошки музеј на Македонија во соработка со Црвениот крст на Република Македонија денеска во просториите на музејот организираат крводарителска акција под мотото „Вашата крв спасува живот - придружете ни се“.

Директорката на Археолошки музеј на Македонија Весела Честоева рече дека музејот во рамки на своите хуманитарни активности денеска од 10 до 14 часот организира крводарителска акција во која до 12 часот се собрани 20 единици крв.

- Одѕивот е доста голем и се надеваме дека така ќе продолжи до крајот на акцијата. Се надеваме дека со нашата крводарителска акција ќе помогнеме на многу животи на кои помошта им е навистина потребна. Ова не е прва крводарителска акција на Археолошкиот музеј на Македонија и ваква акција организиравме во август минатата година со цел да помогнеме на настраданите кои беа зафатени од поплавите, изјави Честоева.

Посочи дека Археолошкиот музеј на Македонија редовно се вклучува во поддршка на разни хуманитарни активности и ќе продолжи така и во иднина.