Македонија
19. July 2017 - 11:19

Крв на скоските улици - Три лица тешко повредени во сообраќајки

Три лица се здобиле со тешки телесни повреди, пет се полесно повредени во шест од регистрирани девет сообраќајки во изминатите 24 часа на подрачјето на СВР Скопје. Во три незгоди е причинета само материјална штета. 

Вчера во 10,46 часот во Скопје на ул.„Ќемал Сејфула“ пред бензинската пумпа на „Макпетрол“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило “Митцубиши“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.Х.(48) од Скопје, и мопед “Генерик“ исто така со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Д.(44) од Скопје. Од незгодата, со тешки телесни повреди (скршеница на лево рамо) се здобил А.Д., по што со возило на итна медицинка помош бил пренесен во УЦ-Скопје. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР-Скопје.
 
Претходно во 09,00 часот во населба Драчево-Скопје, на бензинската пумпа „Макпетрол“, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило “Фолксваген Голф“ со скопски регистарски ознаки управувано од К.А.(56) од с.Студеничани и патничко возило “Југо“ исто така со скопски регистаски ознаки управувано од П.Б.(66) од населба Драчево. По незгодата, лицата биле пренесени за укажување лекарска помош во УЦ-Скопје, при што кај К.А. биле констатирани телесни повреди, а кај П.Б. биле констатирани тешки телесни повреди (фрактура десен колк). Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР-Скопје.
 
Вечерта во 23,10 часот во Скопје на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“, се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл “Трува“ управуван од возач на возраст од 17 години од Скопје и патничко моторно возило, кое по незгодата го напуштило местото на настанот. Од незгодата, со телесни повреди се здобил возачот на моторциклот, а со тешки телесни повреди се здобил сопатникот на возраст од 15 години од Скопје. На лицата им била укажана лекарска помош во ГОБ “8-ми Септември“, при што сопатникот бил задржан на лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР-Скопје.

Во текот на вчерашниот ден сообраќајната полиција санкционирала 12 возачи заради движење со брзина поголема од дозволената, осум без возачка дозвола, односно нерегистрирано, како и 10 возачи кои при возење не користеле сигурносен појас или користеле мобилен телефон. Затекнати се 45 непрописно паркирани возила.

Со специјалното возило „пајак“ отстранети се вкупно 72 возила.