Бизнис
24. March 2018 - 16:36

Крушево е прва општина во земјава што доби грант од 500.000 евра од ЕУ за развој на авантуристички туризам

„Кругот на адреналинот - развој на авантуристичкиот туризам“ е проектот за кој Крушево доби 500.000 евра грант од ЕУ. Авантуристичкиот туризам е во огромен подем во овој град, особено параглајдингот. Овие половина милион евра ќе се наменат за поголема промоција на Крушево како адреналинска дестинација. Еден од клучните сегменти е реконструкција на спортската сала.

„Ќе се прошири истата и ќе се прошири нејзината намена со изградба на ѕидови во качување, болдеринг и клајмбинг, а тоа е нешто што параглјадеристите го бараат и сакаат, во деновите кога временските услови не дозволуваат да се лета“, истакна Татјана Хасану, одделение за локален економски развој Крушево.

Планирано било и изработка на апликации за мобилни телефони, кои ќе ја содржат целокупната туристичка понуда на Крушево, а Крушево ќе било промовирано на туристичките саеми во Софија и Белград.

„Ќе се постават и пет сувенирници кај месноста Гумење, за да се подобри сликата на тој простор, да се тргнат тие импровизирани тезги на коиу сега занаетчииите ги продаваат своите производи“, додава Хасану.

– Во состав на овој проект било предвидено во 2019 година да се организира Светски куп во параглајдерство. А оваа година во септември ќе се организирал и настанот „Во недопрената природа на точак во Крушево 2018“, каде ќе се промовираат велосипедските патеки во Крушево кои се со должина од 40 км.

Од Општина Крушево велат дека за поголема промоција на градот требало да се вклучат сите жители, за што ќе имало и едукации на локалното население.

„Ќе се потрудиме да ја покренеме свеста на локалното население преку едукации и други форми на интервјуа и известувања како да се подиигне свеста за јавната чистота“, истакна Томе Христоски, градоначалник на Општина Крушево.

Од Општината велат дека моментално работеле уште на неколку проекти за изградба на подобра локална патна инфраструктура која исто така ќе придонесла за развој на туризмот.