Македонија
17. October 2015 - 19:09

Кривопаланечки планинари до тромеѓето помеѓу Македонија, Србија и Бугарија

Дваесетина кривопаланечки планинари учествуваа на денешната планинарска акција до тромеѓето помеѓу  Република Македонија, Република Србија и Република Бугарија. На тромеѓето се сретнаа со планинарите од останатите две соседни земји.
 
- Акцијата започна од месноста Крстов Дол, а минавме преку времениот граничен премин Голеш, кај селото Голема Црцорија. Вкупната должина на стазата во една насока изнесува околу седум километри и беше лесна за пешачење, изјави Денис Ангеловски, претседател на Здружението за  планинарење и заштита на планината „Калин Камен“.
 
Ангеловски информира дека временските услови биле одлични, сувото време им послужи за лесно искачување, а додаде и дека од страна на организаторите бил обезбеден и бесплатен ручек за сите учесници.
 
- Нашите планинари се од разни возрасни категории, а  особено сме активни есенва. Од почетокот на октомври учествувавме на четири планинарски акции во регионот и земјава, рече Ангеловски.
 
Следната акција која ја организира ЗПЗП „Калин Камен“ ќе се одржи на 24 октомври, a по повод 23 Oктомври, Ден на Македонската револуционерна борба.
 
- Акцијата е насловена  „По патот на Комитите”, истата е кружна патека околу Комитски рид. Старт на акцијата е од т.н. Ловечка куќа, забавно рекреативен парк Калин Камен,  преку езерце Калин Камен до врвот Калин Камен. Предвидено е да се движиме во насока на Ал’тн чешма, преку м.в. Слана бара-Бабина чешма-Столев врв-Борилова чука –Костадиница. Патеката е средно тешка и се совладува висинска разлика од 600 метри надморска височина, изјави Ангеловски.
 
Должината на патеката „По патот на Комитите” изнесува околу 20 километри или околу 8 часа одење со попатни паузи, а за акцијата е обезбеден и планианрски водич.