Македонија
20. February 2017 - 19:54

Кривичниот суд одреди 30 дена притвор за уапсените во акцијата за дрога

30 дневен притвор за петмината уапсени во последната акција на МВР именувана “Мрежа”, им изрече судија на претходна постапка, соопштија од Основниот Суд Скопје 1. Одлуката е донесена по сите три основи од ставот 165 од Законот за кривична постапка. 

Поради постоење на опасност да се дадат во бегство, постоење околности кои укажуваат дека може да ја попречуваат кривичната постапка и страв да не го повторат кривичното дело, им е определена мерка притвор во траење од 30 дена, соопштуваат од скопскиот суд.

Досегашната истрага открила дека криминалната група која делувала на подрачјето на град Скопје како и надвор од градот, продавала наркотична дрога кокаин за цена од 3.000 до 4.500 денари за една паковка. Кокаинот бил набавуван од непознато лице од Србија во помали количина, со цел полесен и побезбеден транспорт. Во рамките на меѓународната полициска соработка ќе се преземат дополнителни активности за идентификување на српскиот државјанин.

Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираат на јавните закани на поранешниот пратеник од СДСМ, Есад Ракиќ упатени до сите новинари, кои ја информираат јавноста за дејствијата на оваа криминална група.     

Заканите на поранешниот пратеник Есад Ракиќ наиде на осуда и од ЗНМ.

Ваквите непримерни изјави преставуваат директен напад врз слободата на медиумите и имаат за цел да ги замолчуваат новинарите. Ги повикуваме новинарите да ги почитуваат професионалните стандарди и да ги проверуваат фактите пред да ги објават информациите. Тоа особено се однесува кога известуваат за сензитивни теми поврзано со човековите права, се вели во реакцијата на ЗНМ.