Македонија
13. November 2016 - 14:25

Кривични пријави за пет скопјани за недозволена трговија со дрога

СВР Скопје реализираше четири одвоени случаи на недозволена трговија со дрога, за кои до надлежното Основно јавно обвинителство кривично се пријавени пет лица од Скопје. 

Како што соопшти денеска МВР, во првиот случај кривично пријавени се Д.Т. (26) и С.С. (33), кои на крајот на минатиот месец од засега непознато лице од Струга, за сума од 1.200 евра набавиле килограм марихуана со намера да го препродадат во Скопје.

Д.Т. во периодот на планирање на кривичното дело користел слободни денови од Казнено-поправната установа Идризово, каде издржувал казна затвор за сторени кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога и фалсификување исправа. Д.Т. се договорил со С.С. да набават поголема количина на марихуана, од која дел ќе биде наменета за улична продажба, а дел ќе ја искористат за производство на хашишово масло. Набавената дрога двајцата ја однеле во изнајмена куќа во селото Орман.

По потврденото сознание од Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР-Скопје, преземени биле мерки и активности за утврдување на движењето на пријавените и локациите каде би можеле да вршат препродажба на дрогата. Притоа на 26-ти минатиот месец во атарот на селото Орман, поточно во непосредна близина на куќата, која под закуп ја користел С.С., извршено било негово легитимирање и преглед на моторното возило, кое го управувал. На задното седиште пронајдена била една дигитална вага со остатоци од марихуана. С.С. бил приведен, а со наредба од судија на претходна постапка истиот ден бил извршен претрес во куќата која С.С. ја користел под закуп, како и во куќата во село Волково, во која живеел.

При извршените претреси во двете куќи, пронајдени и одземени биле вкупно еден килограм и 40,17 грама марихуана, спакувана во две најлонски ќеси, два шприца и еден пластичен сад во кој имало околу 10 милилитри масло од хашиш, една рачно изработена цигара и една дигитална вага со остатоци од марихуана. За стореното кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ судија на претходна постапка на пријавените им изрече мерка притвор во траење од по 30 дена.

Второто кривично дело го извршил Ф.С.(24), кој од засега непознато лице од Скопје, во текот на минатиот месец набавил поголема количина марихуана, која планирал да ја препакува за улична продажба на уживатели од Скопје.

Единицата за недозволена трговија со дрога, по потврдувањето на добиеното сознание со наредба од судија на претходна постапка извршила претрес во домот и другите простории кај пријавениот во населбата Ѓорче Петров. Биле пронајдени и одземени 438,6 грама марихуана, две дигитални ваги и 170 неотпакувани празни пластични шишиња, кои се предадени на вештачење за утврдување на нивното потекло и да се утврди дали биле предмет на друго кривично дело. И за пријавениот Ф.С., судија на претходна постапка одреди мерка притвор во траење од 30 дена. 

Во третиот случај, Единицата за недозволена трговија со дрога во соработка со Единицата за прв одговор и интервенција-„Алфа“, по добиено сознание дека Д.Т. (45), кој и претходно бил кривично пријавуван за недозволена трговија со хероин, планирал да набави поголема количина на синтетичка дрога-екстази со намера улично да ја продава, презеле мерки и активности за потврдување на сознанието и обезбедување на материјални докази.

По потврдување на сознанието и преземените мерки за утврдување на движењето на пријавениот и локациите каде би можел да ја врши препродажбата на дрогата, на почетокот на месецов во централното градско подрачје од страна на Алфите, Д.Т. бил забележан како управувал моторно возило. Било извршено негово легитимирање и преглед на моторното возило, кое го управувал, при што во возилото бил пронајден ранец во кој имало 49 таблети екстази и 5,47 грама марихуана. Д.Т. бил приведен, а за стореното кривично дело - „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ од судија на претходна постапка му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена. 

Во четвртиот реализиран случај, кривично пријавен е М.Ѓ. (25), кој во текот на минатиот месец од засега непознато лице набавил поголема количина на екстази, амфетамин и марихуана, кои планирал да ги препакува за улична продажба на уживатели од Скопје.

На крајот од минатиот месец, по добиени оперативни сознанија и преземени мерки, пријавениот бил лоциран во населбата Пинтија. Него му било извршено легитимирање и личен претрес, при што во еден од џебовите од јакната која ја носел, му биле пронајдени и одземени 50 таблети екстази, една зипер ќесичка во која имало 2,38 грама амфетамин во прашкаста форма и еден исушен цвет од марихуана во вкупна тежина од 1,68 грама. М.Ѓ. бил приведен, а од судија на претходна постапка му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.