Македонија
29. December 2015 - 14:19

Кривична пријава за прилепчанец за разбојништво и за тешка кражба

Секторот за внатрешни работи-Скопје до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Т.М.(28) од Прилеп, поради основи на сомневање дека од март до декември годинава сторил четири кривични дела „разбојништво“ и едно кривично дело „тешка кражба на особено дрзок начин“. Притоа противпрано се стекнал со имотна корист од околу 14.000 денари. 

Како што информира денеска МВР, Т.М., кој досега не е кривично пријавуван, од крајот на март до 17-ти овој месец сторил четири кривични дела „разбојништво“, во кои објект на напад му биле таксисти со кои се возел на релација населба Гази Баба-Бутел-Радишани.

Откако ќе бил донесен до посочената адреса, со закани по животот и сигурноста на таксистите (во два случаи со употреба на нож, во еден случај со употреба на огнено оружје и во еден случај со употреба на физичка сила, во што му помогнале две засега непознати машки лица) се стекнал со противправна имотна корист од околу 11.000 денари. 

Кривичното дело „тешка кражба на особено дрзок начин“ го извршил на 17ти овој месец, исто така над таксист. Тој побарал такси превоз од хотел лоциран на булеварот „Партизански одреди“ до казино на Бит Пазар и кога стигнале на Бит Пазар пријавениот побарал од таксистот да му позајми 900 денари и да го причека пред казиното, по што ќе продолжи со превозот. За кусо време се вратил и побарал да продолжат кон населба Автокоманда и побарал уште 2.100 денари, со ветување дека кога ќе го однесе на посочената адреса ќе му врати 50 евра.

Кога стигнале на улицата „Ташко Караџа“, Т.М. излегол од возилото и се упатил кон еден од влезовите на зградата, по што таксистот се посомневал дека ќе биде измамен и тргнал по него. Во моментот кога пријавениот го видел таксистот, почнал да му се заканува дека ќе извади нож и ќе го прободе и се дал во бегство, но бил стигнат од таксистот. Т.М. со употреба на физичка сила, удар со рака во пределот на вратот, го совладал таксистот, кој од ударот паднал на земја.

Пријавениот се сокрил во една од околните згради, а нападнатиот таксист телефонски го пријавил случајот во Центарот за информирање и команда на СВР Скопје, по што за кратко време пристигнале полициски службеници од ЕПОИ АЛФА, кои го пронашле и лишиле од слобода Т.М.