Балкан
9. February 2017 - 12:34

Кристијан Линднер: Грција да ја напушти еврозоната за да добие отпис на долгот

Лидерот на германската либерална Слободна демократска партија (ФДП), Кристијан Линднер денеска за германското радио „Дојчландфунк“ изјави дека Грција треба да ја напушти Еврозоната, по што треба да и се намали надворешниот финансиски долг. 

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, според Линднер, Грција треба да остане во Европската унија за да може да добива субвенции за својата национална инфраструктура и помош за малите и средни претпријатија.

Лидерот на ФДП смета деак е јасно оти грчкиот премиер Алексис Ципрас нема намера да ги спроведе договорените реформи и затоа стратегијата на доверителите треба да биде променета.

- Јасно е дека треба да и се отпише длгот на Грција. Но, долгот може да биде отпишан само ако таа е надвор од еврозоната, значи ние зборуваме за Грегзит, изјави лидерот на ФДП.

Според последните испитувања на јавното мислење, ФДП со рејтинг меѓу пет и седум отсто има реални шанси да биде дел од идниот германски Парламент по изборите што ќе се одржат на 24 септември. Од 2009 до 2013 година ФДП беше дел од германската владина коалиција предводена од Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел, но на изборите пред четири години не успеа да освои ниту еден пратеник,

Германската влада се противи на продолжување на помошта за Атина доколку од програмата за помош се откаже Мешународниот монетарен фонд (ММФ), кој инсистира на намалување на грчкиот долг.

За Берлин долгот може да се намали само доколку владата во Атина продолжи со реформите најмалку неколку години по завшрувањето на сегашниот пакет за помош кој трае до 2018 година.