Бизнис
13. November 2017 - 10:44

Крипто валути - нова алтернатива и можност за платен промет

Крипто валутите го предизвикуваат традиционалниот банкарски модел, до тој степен што веќе предизвикуваат и трансформација на меѓународниот пазар. Традиционалниот монетарен систем почива на доверба, односно дека секоја валута може да се замени во било кое време за соодветен еквивалент на злато или соодветна валута. Зад таквата доверба, стојат законски регулативи кои претставуваат гаранција дека секој учесник ќе ги следи и почитува своите обврски во монетарниот систем.

Банките како посредници за секоја трансакција или услуга од своите корисници наплаќаат одреден процент. Тоа кај крипто-валутите го нема, односно не е регулирано и нема централизиран банкарски систем. Биткоинот како најпозната крипто валута, во својата суштина претставува еквивалент на математичка операција и не може ефективно да се замени во реалноста. Првичната реакција на традиционалните банки е да го спречат влезот на крипто валутите во секојдневниот промет на луѓето, но изминатите години полека доаѓа до промена на таквата перцепција и банките почнуваат да соработуваат.

Крипто валути - кратки факти

- Крипто валутите се нерегулирани и слободни без централизирана банка на еден речиси перфектен пазар со целосно отворени и достапни информации.

- Биткоин е прва крипто валута основана во 2008 година од јапонецот Сатоши Накамото.

- Биткоин пазарот е еден од најликвидните пазари во светот, додека максималната големина е ограничена на  21 милион единици.

- Интернет трансакциите со биткоин на меѓународно ниво се брзи и лесни, бесплатни и анонимни.

- Вредноста на почетокот на 2010 година на еден биткоин изнесувала 0,003 долари, во мај годинава изнесува преку 2.500 долари, а на почетокот на ноември околу 7.300 американски долари.

- Пазарот на биткоини е нестабилен и вредноста се менува главно врз основа на побарувачката за нив, така што доколку опадне популарноста, соодветно ќе се намали и нејзината вредност.

Биткоин

Имплементирање крипто валути во традиционалниот АТМ систем во Словенија

Словенечката ЛОН Банка пред нешто повеќе од еден месец почна да работи со крипто-валути. Банката нуди можност корисниците да купуваат биткоини на своите банкомати, за што добиваат ваучер, кој потоа можат го заменат за биткоин и внесат во крипто паричник. ЛОН Банка за својата услуга наплаќа четири проценти. Политиката на банката е дека нудењето можност да се купат биткоини не значи и советување да се купуваат или инвестира во биткоини, и тоа е само одлука и одговорност на корисникот.

Претседател на управниот одбор на ЛОН штедилница од Словенија Јака Вадњал, на своето предавање на Универзитетот Американ колеџ во Скопје, кажа дека направиле големо истражување на светско ниво и досега немаат најдено ниту една класична банка што го работи тоа.

- Ние сме банка со дозвола за сите банкарски работи. Можеме да работиме секакви финансиски работи, како со акции, осигурување или други валути. Засега никој не може да ни каже дека не можеме да работиме со крипто валути. По еден месец можам да кажам дека тоа е еден значаен успех за нашата мала банка. Со тоа банката, која е конзервативна инстутуција, ги приближивме крипто-валутите, кои очигледно се во подем и стануваат еден значителен дел од економскиот систем. Ние ги приближивме на луѓето да можат да ги направат можеби и првите мали купувања на крипто валути и почнат да учат. Од друга страна како банка ние ги предупредуваме луѓето да не претеруваат и да не ги водат приказни за драматични профити кои можат да се направат со инвестиции во крипто-валутите, бидејќи сепак како и кај сите инвестиции ние веруваме дека станува збор за балон што се дува и може еден ден да пукне, па луѓето ќе кажат тој нас не советуваше да инвестираме во тој балон, изјави Вадњал.

ЛОН Банка 1

Посочува дека не се брокерска куќа или фонд, туку остануваат банка и веруваат дека крипто-валутите доаѓаат како една нова алтернативна и иновативна можност за платен промет и нешто помала инвестиција. Уделот на крипто валутите на светскиот пазар се уште е мал, но од ден во ден добива на важност. Вадњал нагласува дека дејноста не е регулирана никаде во светот, а за тоа колку луѓето ја употребуваат се уште е работа на проценка.

- Во Словенија можеби има околу пет проценти возрасни луѓе кои пробале да работат со крипто валути со износи од околу 100 евра. Се уште не станува збор за масовност. На биткоинот, како најголема крипто-валута, капиталниот износ е нешто помал од 10 проценти од капиталниот износ на сите американски долари. Ако еврото е големо колку што е доларот, тогаш тоа е само пет проценти од доларот и еврото заедно. Ако ги броиме сите валути во светот, тогаш тоа е се уште еден мал процент и значење, изјави Вадњал.

Колку се безбедни крипто валутите и како е регулирано тргувањето со нив

Според Јака Вадњал во инвестициите секогаш постои опасност и секогаш има ризик.

- Па што е безбедно? Колку луѓе изгубија со акции, со недвижности или кредити со швајцарски франци, што сега се многу скапи. Регулацијата никогаш нема да го избегне целиот ризик. Така што верувам дека еден ден и Народната банка на Македонија ќе седне со луѓето, кои се разбиораат од тоа. Едноставно верувам дека пазарот ќе го бара тоа и кога пазарот ќе почне да го бара тоа, тогаш тешко е тоа вистински да се забрани. 

ЛОН Банка 22

Крипто валутите во Словенија се уште не се регулирани, но Вадњал очекува тоа да се промени.

-Во правото не постои зборот крипто валута, блок чеин итн. Кај нас во Словенија генерално стоиме на ставот дека нешто што не е декларативно забрането со закон може постои се додека не го загрозува животот на луѓето и другите. Тоа е повеќе работа на филозофија на демократско почитување на некое правно уредување, отколку на тоа дека со регулрација некоја работа може да се направи 100 проценти безбедна, смета Вадњал.

Ставот на НБРМ е дека вложување во виртуелни или крипто валути е незаконско

Народната банка на Република Македонија во мај годинава преку соопштение укажа дека според домашната важечка регулатива вложувањето од правни и физички лица резиденти на Македонија во виртуелни или крипто валути не е дозволено, исто како што не е дозволено ниту отворање сметки и купување хартии од вредност и деривативни финансиски инструменти во странство, освен при пропишани исклучоци.

Некои дигитални валути имаат елементи на пирамидални шеми, како што е случајот со Уанкоин (OneCoin), при што во неколку земји од Европа беа објавени предупредувања или беа започнати истраги во однос на вложувањата во Уанкоин. Од друга страна, некои криптовалути, како на пример биткоинот, се прифатени и се во примена во одредени земји.

Биткоин 2

НБРМ ги повторува и останатите ризици во трансакциите поврзани со купувањето, чувањето и разменувањето  крипто валути.

- Тргувањето со дигитални валути се врши преку платформи што најчесто не се регулирани и чии правила за работење се предмет на чести измени, па дури и запирање со работа, без најава ниту објаснување. Не постои никаква правна заштита за средствата што се вложени преку овие софтверски платформи, ниту пак постои механизам за обесштетување на клиентите, како што е тоа случај со депозитите вложени во банка која има дозвола за основање и работење издадена од гувернерот на Народната банка. Купените крипто валути се чуваат на виртуелна сметка или т.н. дигитален паричник, кој е и најчеста мета на хакерските напади, што може да предизвика директна загуба за вложувачите, објаснува НБРМ.

МИА/Александар Атанасов