Свет
22. November 2017 - 11:18

Кремљ нема информации за инциденти кои можат да предизвикаат радиоактивно загадување

Кремљ не добил од ниту една институција информации за некакви инциденти кои би предизвикале загадување со изотопот рутениум 106, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков.

- Во постојан контакт сме со сите институции кај нас поврзани со таа сфера и од никого досега нема потврда за евентуални причини кои би предизвикале инциденти, прецизира Песков.

Руската државна нуклеарна компанија Росатом вчера соопшти дека на руска територија не е регистриран никаков инцидент или дефект на нуклеарните инсталации и покрај радиоактивното загадување со изотопот рутениум 106. 

Високи руски претставници претходно признаа дека на крајот од септември и почетокот на октомври е регистрирано  радиоактивно загадување на делови од руската територија, со што ги потврдија информациите на неколку европски агенции за следење на радиоактивноста.

Руската метеоролошка служба Росгидромет соопшти дека сите мерни станици во Јужен Урал регистрирале зголемени концентрации на изотопот рутениум 106, а највисока концентрација била регистриарна во селото Аргајаш.

Тоа е лоцирано на 30 километри од нуклеарниот комплекс Мајак кој настрада во 1957 година во една од најтешките нуклеарни несреќи во историјата и денеска служи како место за преработка на потрошеното нуклеарно гориво.

- Радиоизотопотт Рутениум 106 беше регистриран од мерните станици во Аргајаш и Новогорниј, меѓу 25 септември и 1 октомври, прецизира Росгидромет во извештајот за состојбата на животната средина на територијата на Руската Федерација во периодот од 6 до 13 октомври 2017 година. Се прецизира дека во Аргајаш е регистрирана крајно висока концентрација на рутениум 106, која за 986 пати ги надминува показателите регистрирани претходниот месец, се наведува Росгидромет.

Во соопштението на Росгидромет уште се додава дека кон крајот на септември и почетокот на октомври радиоактивни честички од Јужен Уран може паднеле во Европа како резултат на пренос на воздушните маси.

Француската агенција за нуклеарна безбедност пред десетина дена изрази уверување дека помал инцидент во една руска постројка изминатиот период предизвикал пораст на радиоактивноста во воздухот над Европа. Се претпоставува дека „можна зона на емитување“ на радиоактивноста била меѓу реката Волга и планината Урал.

Институтот за радиолошка заштита и нуклеарна безбедност соопшти дека присуството на изотопот рутениум 106 не претставува опасност по здравјето или животната средина. Сепак, Агенција за нуклеарна безбедност предложи да се провери храната увезена од тој регион.

Во претходно соопштение на Француската агенција за нуклеарна безбедност, засновано на мерење во повеќе земји, се истакнува дека изотопот рутениум потекнува од инцидент со нуклеарно гориво или од производство на радиоактивен материјал. Најголемата радиоактивност е измерена кон крајот на септември и почетокот на октомври, но повеќе не може да се регистрира во атмосферата.