Свет
14. February 2018 - 13:45

Кремљ ги повикува медиумите на внимание поради дезинформации за Сирија

Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, ги повика медиумите при известувањето да не се раководат од „искривените податоци“ за наводно голем број убиени Руси во Сирија.

- Ги повикуваме сите да не се раководат од погрешни информации, намерни или ненамерни и да бидат внимателни, изјави Песков, по тврдењата дека на 7 февруари голем број Руси биле убиени во сирискиот град Деир ез Зор.

Претходно, извор од руското Министерство за одбрана за агенцијата ТАСС изјави дека не се точни извештаите за десетици, па и стотици убиени руски државјани во Сирија.

- Не може да се исклучи можноста дека има руски државјани на тлото на Сирија. Тие не се руски војници и тоа е се што можеме да кажеме, но во секој случај наши граѓани се руски граѓани, што и да се случи, изјави Песков.

Минатата недела Си-Би-Ес јави дека при напад на сириски провладини сили на седиштето на Сириските демократски сили, учествувале и руски државјани.

Би-Би-Си претходно јави дека најмалку двајца руски борци се убиени во американските воздушни напади во североисточна Сирија и оти најверојатно станува збор за платеници.