Ракомет
9. April 2016 - 19:57

Крај на олимпискиот сон на македонските ракометари

 Машката македонска ракометна репрезентација го заврши својот сон за настап на Олимписките игри во Рио летово.

Со поразот од Тунис 26-32 во вториот квалификациски меч во Гдањск, репрезентацијата на Македонија ги загуби сите шанси да се пласира на Олимпијадата. 

Очајниот почеток на натпреварот особено во првите петнаесет минути во кои Тунижаните постигнаа 10, а нашите ракометари само три гола (сите на Лазаров) го навестија конечниот епилог на овој меч. 

Противникот на полувремето замина со седум гола предност (10-17) кои во вториот дел успеа рутинирано да ги сочува, за на крајот да се радува на победа со конечни 32-26 за втор триумф во квалификациите и пласман на Олимпијадата.

Бадијала беа осумте гола на капитенот Кирил Лазаров кога оваа генерација на македонски ракометари ја пропушти и втората шанса (можеби и последна за многумина од нив) за учество на најголемиот светски спортски настан.

За Македонија останува уште утрешниот натпревар против Чиле, селекција која вечерва игра против домаќинот на овој турнир Полска.