Бизнис
17. October 2015 - 15:35

Костадиновски: Земјоделците генерално задоволни од мерките што ги презема државата

Земјоделците генерално се задоволни од мерките што ги презема државата за поддршка на земјоделството, изјави денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски по посетата на градскиот пазар во Делчево, каде разговараше со земјоделците за производството, откупот, продажбата и пласманот на нивните производи. 

- Во општина Делчево во последните 5 години се исплатени над 4 милиони евра директни субвенции од Буџетот на РМ, на земјоделците од Делчево, а согласно календарот за исплата на субвениците во тековната 2015 година се исплатени субвениции за тутунот во износ од 3 милиони денари и тоа на над 120 тутунопроизводители од овој крај, рече Костадиновски, кој беше придружуван од првите луѓе од Агенцијата за храна и ветеринарство, од Државниот инспекторат за земјоделство, како и неколку пратеници.

Според заменик-министерот, земјоделците од овој крај најмногу се интересираат и за доделувањето на земјоделското земјиште, бидејќи во овој крај земјоделците најмногу се занимаваат со овоштарство и тоа со производство на вишна и слива, па земјоделското земјиште им е потребно за проширување на насадите.

Заменик-министерот Костадиновски го посети и земјоделскиот комбинат „Рудине ММ“, кој е и најголемиот откупувач и преработувач на земјоделски производи и кој соработува со 400 кооперанти од регионот. Овој комбинат е водечки комбинат во земјава и претставува успешна приказна како се искористуваат средства преку ИПАРД програмата.

- Во посета сме на комбинатот „Рудине ММ“ со цел да направиме увид на она што значи кофинансирање од средствата обезбедени од нашите партнери од ЕУ, поточно од ИПАРД Програмата, средства наменети за модернизација на капацитетот за набавка на нови линии за преработка на вишна и слива од 400 кооперанти од регионот, рече Костадиновски.

Инаку, во „Рудине“ за модернизација на производството во тек е имплементацијата на нов проект во износ од 300 илјади евра.

- На трите конкурси од ИПАРД, овозможени се средства во висина од над 2 милиони евра, каде има национално финансирање во она што значи поддршка на ИПАРД Програмата, кое изнесува 25 отсто или околу 1 милион евра, посочи Костадиновски.

Заменик - министерот порача дека државата и понатаму останува на плановите за поддршка на земјоделството.

- Порака до делчевчани дека не застануваме тука. Она што значи поддршка ќе продолжи и понатаму. Продолжуваме со субвенициите во овој крај преку мерките за рурален развој, актуелната меррка 50-50. Во Делчево за модернизација на земјоделското производство инвестирани се над 11 милиони денари, а како рурална општина во Делчево се овозможува изградба на локални патишта и улици во вредност од над 400 илјади евра, додаде Костадиновски.