Балкан
18. September 2017 - 8:25

Косовската Влада критикува српски документарен филм за наследството на Косово

Косовската Влада упати критики во врска со документарниот филм „Косово - моментот во цивилизација“, кој е прикажан во Српскиот културен центар во Париз, тврдејќи дека негова цел е „присвојување на културното и верското наследство на Косово и негово трансформирање“.

Како што се наведува во соопштението, Владата во Приштина смета дека филмот е „расистички и без преседан“, и дека е дел од „спорната кампања“ против членството на Косово во УНЕСКО, но и дека го претставува културното наследство на Косово како наследство на Србија.

Властите, имено, тврдат дека верските и културните објекти на Косово се „дел од наследството на земјата“ и не можат да се отуѓат, тие им припаѓаат на „државата Косово и нејзините граѓани“.

Владата во Косово наведува дека Србија продолжува да го блокира патот на Косово кон меѓународно признавање и членство во меѓународните организации, што е „спротивно со принципите за добрососедска политика“.

Режисерот на филмот Борис Малагурски изјавил дека идејата на филмот е да се прикаже загрозеноста, но и убавината на српското наследство на Косово.