Балкан
9. November 2015 - 17:35

Косово не стана членка на УНЕСКО за 3 гласа

Српската дипломатија извојува победа над Косово во УНЕСКО, откако по гласањето поладнево во Париз, Република Косово не беше примена за полноправна членка на Организацијата за образование и култура на Обединетите Нации.

ЗА гласаа 92 земји, 50 беа против, а 29 беа воздржани со што Косово не стана членка на УНЕСКО за само 3 гласа.

Имено, од вкупно 195 членки на УНЕСКО, кои имаат право да се изјаснат за предлог резолуцијата за прием на Косово, потпишана од 37 земји, меѓу кои и Република Македонија, на денешната генерална конференција определени беа 142, од кои за прием на Косово беа потребни две третини од гласовите или 95.

Српскиот Амбасадор во УНЕСКО Дарко Танасковиќ веднаш по гласањето рече дека триумфирале вистината и доблеста.

На точката за прием на Косово претходеше гласање по предлогот на Србија за одложување на денешната седница, што беше одбиено од мнозинството членки.

Меѓу земјите кои не го поддржаа приемот на Косово, беа и Бразил, Кина, Русија.

За приемот, пак меѓу другите гласаа гласаа Франција, Британија, Германија, Македонија.

Инаку, претходно косовскиот Премиер ги даде сите гаранции дека српското културно наследство на територијата на Косово ќе биде заштитено за да го ублажи противењето и лобирањето од страна на Србија. Од српското МНР, пак возвратија дека тие аргументи се депласирани и српските споменици нема да бидат подобро чувани со членството на Косово во УНЕСКО.

Од меѓународните тела, Косово засега е членка само на ММФ и на Светската Банка. Србија се противи на секое членство на непризната држава во меѓународни организации, бидејќи тоа ќе ги ослаби српските позиции во дијалогот Белград – Приштина.