Македонија
27. July 2017 - 17:58

Консултации за промена на системот на финансирање на општините

Почнува процес на консултации за наоѓање решенија со кои ќе се редефинира и промени системот на финансирање на единиците на локална самоуправа. За таа цел Министерството за локална самоуправа организираше состанок со претставници на засегнатите страни. 

Процесот на консултација за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите на наменските и блок-дотации кои централната власт ги префрла на единиците на локална самоуправа во однос на образованието, детската заштита и културата е во согласност со заклучокот на Владата, а Министерството за локална самоуправа ги организира консултациите заедно со ЗЕЛС и министерствата за образование и наука, за култура, за труд и социјална политика и за финансии. 

На денешниот состанок присуствувале заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, директорката на ЗЕЛС Душица Перишиќ и претставници од соодветните министерства.

Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, Павлески истакнал дека Министерството за локална самоуправа ќе се залага да се создаде одржлива, ефективна и ефикасна локална самоуправа во Република Македонија. Нагласил дека во координација со сите други надлежни министерства ќе почне процес на консултации и анализи поради изнаоѓање на најсоодветни политики и мерки за решавање на, како што се наведува, со години напластените  проблеми со коишто се соочуваат единиците на локална самоуправа.

- Мора да се покаже волја за придвижување на состојбите и приближување на барањата и ставовите на сите вклучени страни, а во интерес на општините и во интерес на граѓаните како корисници на услугите. Крајната цел е секој граѓанин на целата територија на Република Македонија да добие подеднакво квалитетни услуги, рекол Павлески. Нагласил дека на општините им е потребна помош за да можат да обезбедат соодветно ниво на услуги и оти општините треба да се ангажираат повеќе во однос на поефективно работење и поефикасна реализација на средствата од централниот буџет, како и поголема ажурност во обезбедувањето на локалните приходи.

Претставниците од ЗЕЛС и од надлежните министерства се согласиле дека средствата од блок дотациите наменети за училиштата, детските градинки и локалните установи од областа на културата со години покажуваат недоволност што се одразува на квалитетот на услугите во овие области.

На состанокот било укажано дека во однос на детските градинки има сериозен недостиг од персонал и капацитети, а во образованието најголем процент од средствата се наменети за плати и има голем недостиг за покривање на трошоците за превоз на ученици и за одржување на училиштата. Установите од областа на културата се во најлоша состојба зашто, како што се наведува, тие се одржуваат во статус-кво состојба, со по еден до двајца вработени без никакви содржини.

- Заеднички беше констатирано дека проблеми постојат во сите области, потребно е редефинирање и промени во системот на финансирање на единиците на локална самоуправа и оти тој треба да биде базиран на реални длабински анализи кои треба да се направат во периодот што следи, со цел на среден и долг рок да се добие систем на финансирање кој ќе биде фер, правичен и кој нема да зависи од волјата на политички партии или поединци, соопшти Министерството за локална самоуправа.