Свет
23. October 2017 - 14:08

Конгресот на САД отвора истрага за „американско-руска ураниумска зделка“

Комитетот за надзор при американскиот Конгрес најави истрага за скандалот со продажбата на канадска фирма за производство на ураниум на руската компанија „Росатом“.

Компанијата „Ураниум 1“, која има рудници и во САД и е важен снабдувач на американските нуклеарни централи, префрлала пари на компании поврзани со фондацијата на Бил и Хилари Клинтон, и тоа во време кога Хилари Клинтон, како државен секретар на САД, можела да влијае врз одобрување на договорот за продажба со „Росатом“.

Американскиот конгресмен Рон Десантис изјави за телевизијата Фокс дека Конгресот спроведе темелна истрага, откако беше објавено дека и безбедносната служба ФБИ спровела истрага за овој скандал.

- Разговарав со лицата кои имаат доверливи информаци и кои му помогнаа на ФБИ да ја разоткрие оваа корупциска мрежа, изјави Десантис.

Претседателот Доналд Трамп повеќе пати побара Хилари Клинтон да биде сослушана за поврзаноста со „Ураниум 1“ и „Росатом“. Трамп овие обвинувања ги изнесе и за време на претседателската кампања, како и по неговиот избор за претседател, дека постојат сериозни докази за недозволена поврзаност на семејството Клинтон со Русија.