Бизнис
18. November 2016 - 14:09

Конференција: Жените претприемачи веруваат во себе

Финасиите, немањето доволно информации, знаење за водење и менаџирање бизнис, како и предизвикот да се усогласат секојдневните обврски во семејството и работата се главните проблеми со кои се соочуваат жените претприемачи во Македонија при создавање на бизнисот.

Ова, како што беше посочено на денешната Конференција по повод Светскиот ден на жената претприемач (WED - Women entrepreneur day), го покажуваат резултатите од истражувањето „Состојбите на женското претприемништво во Македонија” спроведено на 1.024 жени во 12 градови.

Според истражувањето, во секојдневното водење на бизнисот жената претприемач се соочува со ликвидност и други финасиски проблеми, балансот меѓу работата и семејството, како и со немање доволно време за лична надградба и усовршување. Жените со сопствен бизнис во Македонија ретко користат грантови, кредити или друга финасиска помош, но се заинтересирани за користење средства од фондовите за равој и претприемништво. Голем дел од нив не сметаат дека наидуваат на конкретни проблеми, но сепак дел се соочуваат со предрасуди дека водењето бизнис е машка работа, немаат време за семејство, ниту поддршка од околината поради недоверба.

Истражувањето укажува и дека жените претприемачи веруваат во себе, не сакаат позајмици, не се плашат од неуспех и не очекуваат заработка преку ноќ, туку успех кој доаѓа со упорност, верба и самодоверба.

 

- Секој ден е ваш. Ве охрабрувам да отворите свои фирми, да ги проширите дејностите, да создавате успешни деловни приказни и што поактивно да аплицирате за мерките што ги нуди Владата, вклучувајќи ја и мерката за женско претприемништво што е посебно создадена за вас, им порача министерот за економија Дритон Кучи на учесничките на конференцијата организирана од Здружението на бизнис жени во соработка со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Стопанската комора на северозападна Македонија, Здружението на жени менаџерки Елит и маркетинг агенцијата Марили.

Тој посочи дека Македонија е една од 144. земји во светот каде се одбележува Светскиот ден на жената претприемач и нагласи дека во светски рамки женското претприемништво е препознаено како важен извор на економски раст.

- Во Македонија се активни околу 20 илјади деловни субјекти во сопственост на најмалку една жена во кои работат над 50 илјади лица. Најголемиот дел од нив 8.139 се во секторот трговија на големо и мало, а потоа следи преработувачката индустрија со 1.835. Веќе петта година по ред Министерството за економија ја спроведува мерката финасиска поддршка за женското претприемништво преку која претпријатијата  во сопственост или управувани од жени можеа да аплицираат за набавка на опрема, алати и инвентар за уредување на деловен простор и за грижа на деца од предшколска возраст, рече Кучи.

Прецизира дека за тековната година за оваа намена биле предвидени 2 милиони денари кои веќе се исплатени на субвенционираните 23 компании, а во изминатите пет години 86 претпријатија во сопственост и управувани од жени вкупно добиле субвенции во износ од 7 милиони денари. Оваа мерка како што најави ќе продолжи и во наредните три години. 

WED амбасадорот за Македонија за 2016 година и претседател на Здружението на бизнис жени на Македонија Валентина Дисоска, рече дека се залагаат за економско јакнење на жената претприемач заради јакнење на  општество во целост.

Ленка Угриноска, претседателот на Здружението на жени менаџери Елит истакна дека македонските компани кои се во сопственост или управувани од жени се поконкурентни и имаат поголема социјална правда.

- Во Македонија има 50 отсто женска популација, жените на пазарот на трудот учествуваат со 43,1 отсто, но дури во 44 отсто од компаниите нема жени на одлучувачки функции. Во банкарскиот сектор процентот на жени на управувачки функции е околу 23 отсто, во осигурителните групации околу 18 проценти, а на берзата само 2 отсто. Во Македонија во управни и надзорни органи просечно има околу 19 отсто жени, додека европскиот просек е околу 23 отсто, а таргетот во Европа е до 2020 година да има околу 40 отсто жени во управни и надзорни органи, рече Угриноска.

Таа посочи дека во бизнисот во Македонија се уште владее стереотипноста, патријархалноста и традицијата, но проблемите брзо се надминуваат за жените полесно да дојдат до финасиски средсства и полесно да почнат со бизнис. 

Претседателката на Групацијата за женско претприемништво при Стопанска комора на северо-западна Македонија Гзиме Фејзи, порача дека преку претставувањето на жените кои успеале во бизнисот сакаат да ги охрабрат и останатите да започнат со свој бизнис.

Претседателката на ССК Данела Арсовска, посочи дека токму Сојузот на стопански комори е доказ дека жените можат да бидат број еден во бизнисот.

- Треба да се разбјат стереотипите кои постојат и жените да одат напред и да се докажуваат со своите способности, да основаат свои компании и да бидат менаџери и управители, рече Арсовска.