Македонија
29. May 2017 - 16:28

Конференција за Западен Балкан во Стокхолм

Проширувањето на Европската Унија е еден од најуспешните проекти на политиките на Унијата и алатка за стабилност и прогрес на Западниот Балкан. Оваа беше констатација на конференцијата ЕУ и Западен Балкан во европски контекст што денеска се одржа во Стокхолм.

На конференција, освен домаќинот, шведската министерка за надворешни работи Маргот Валстром, претставници на ЕК, учествуваа и шефови на дипломатиите на земјите од регионот меѓу кои и вицепремиерот и министер за надворешни раобит Никола Попоски.

Регионалната соработка, но и реализирање на ветувањето од ЕУ кон земјите од Западниот Балкан се клучни во напредување во реформите неопходни за членство во Унијата.

,,Најважната порака се однесува на потребата за поголема мобилизација во регионалната соработка. Бидејќи на тој начин и ќе ги подобриме шансите за натамошен развој, преку подобра инфраструктура во регионот. Но, и посилно ќе ги убедиме оние кои одлучуваат за иднината во Европската Унија, односно земјите членки на ЕУ, како на пример Шведска, дека навистина вреди да се ангажираат повеќе во исполнување на ветувањата дека Македонија и земјите од регионот треба да припаѓаат во ЕУ’’, изјави Попоски.

Миграцијата, радикализацијата и делувањето на ИСИС беа другите теми од интерес на учесниците на конференцијата.

Попоски оствари и билатерални средби, пред се со домаќинот министерката Малстром. На нив е заклучено дека Берлинскиот процес е начинот на кој треба да се трасира патот на регионалната соработка, и преку него да се лобира до најмоќните членки на Унијата, пред се Германија и Франција кај кои лежи клучот за проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.