Бизнис
16. March 2016 - 14:27

Конференција за вклученост во ИКТ на лицата со попреченост

Во организација на Здружението „Отворете ги прозорците“ и МАСИТ денеска се одржа конференција за дигиталната инклузија, чија цел е јакнење на свеста за потребата и можните придобивки од користењето на ИКТ како олеснителна вештина за еднакви можности на сите на отворениот пазар на труд. 

Анита Никова, извршен директор на МАСИТ, рече дека мал број лица со попреченост во Македонија се вработени во ИКТ секторот и најави истражување, кое исто така ќе треба да помогне во подигање на свеста и на домашните компании за ангажирање на овие лица, но и кај нив за истракнување на нивните способности и дообразување.  

Со цел полесно надминување на бариерата за вработување на лица со попреченост, Никова рече дека тие ја предлагаат мерката „пракса“ како алатка која лицата со попреченост може да се ангажираат времено, на конкретни задачи. 

Во Македонија, според неа, лицата со попреченост најчесто се вработуваат во изолирани, заштитени работни места кои воопшто не придонесуваат за нивната социјална интеграција. Последните години е направен значителен напредок, во идентификување и развивање на реалните капацитети на лицата со попреченост со цел нивно вклучување во реалниот пазар на труд и нивно вработување на реални работни позиции. 

ИКТ индустријата во Македонија, како што истакна таа, може да обезбеди услови за работа на лицата со попреченост и на тој начин тие можат да ги покажат и докажат своите вештини.

- Според искуствата на развиените земји, лицата со попреченост - особено луѓето со различни форми на аутизам поседуваат посебен сет на вештини, како што се внимание на детали, силни логички и аналитички вештини, способност за концентрација во долги периоди на време, посветеност, лојалност и нулта толеранција на грешка.

Токму овие особини и вештини се лесно применливи за широк спектар на задачи во областа на ИКТ и со нив компанијата може да постигне голем успех и предност, рече Никова.

Вклучувањето на лицата со попреченост во работните процеси на ИКТ индустријата не само што ќе придонесе за поголема економска вклученост, но исто така ќе го подобри општественото вклучување преку физичко присуство на работни места и нивната активна улога во ИТ заедницата. Како пример за успешна иницијатива со која се докажува и покажува можноста на вклучување на лицата со аутизам во ИКТ индустријата, таа ја посочи организацијата „Специалист” од Данска.

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Томовска Арсовска, која ја поддржа иницијативата, побара од граѓанските организации и поединци до МИОА да достават предлози за тоа како може да им се помогне на лицата со попреченост кои би се разгледале и би можеле да станат дел од новата стратегија за дигитална инклузија 2020.

- Министерството за информатичко општество и администрација полага особено внимание во развојот на инклузивно општество, во надминување дигиталниот јаз и обезбедување на една низа на проекти кои ќе обезбедат вклучување на разни категории лица, како социјални категории, на лица со посебни потреби и други лица во модерните текови, рече министерката.

Посочи на Стратегија за дигитална инклузија од 2013 година и на проектите што беа реализирани, како отворање интернет клубови во руралните средини и обуки за повозрасни лица, проекти како синтетизатор на говор којшто им послужи на слепите лица, ваучери за компјутери на студентите од македонските универзитети, кои припаѓаат на социјално ранливите категории... - За децата со посебни образовни потреби беа направени асистивни уреди односно компјутери со големи копчиња, беа изработени стандарди за веб пристапност, рече Арсовска Томовска.

Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски истакна дека Владата пред скоро две години објави оглас за вработување на 300 инвалиди во јавните државни институции преку ЈП „Македонски шуми“, кои си го најдоа местото за вработување во јавната и државна администрција.

- Глобално бројката на инвалиди од она што ние го имаме, што е обележана, се движи меѓу 3.800 и 3.860. Има многу што се вработени, а што не се обележани како лица со попреченост, рече Поповски.   

Ги повтори можностите за обуки за ИКТ на невработените и младите лице. Рече дека има нови обуки за ИКТ за лицата кои имаат најмалку средно образование кои ги обезбедува АВРМ.

- Доволно е тие да аплицираат на нашиот оглас, да го поминат прелиминарниот тест, да се проверат себе си дали имаат или немаат предзнаење, а потоа од нас да добијат бесплатна обука за еден од курсевите. Воедно за оние што допрва влегуваат во осознавање на компјутерските вештини, има почетни курсеви кои што се сега актуелни, имаме почетна група до 29-годишна возраст и за оние што се сега невработени во Република Македонија што сакаат да научат во делот на Мајкрософт односно ексел, ворд и пауер поинт, рече Поповски. 

Настанот е дел од европската кампања „Недела на дигитално вклучување 2016“, што петта година по ред се организира во Македонија.