Македонија
20. February 2017 - 17:55

Конференција за социјална инклузија за млади и жени

 Во рамки на проектот МАПСИ – Македонска активна платформа за социјална инклузија, денеска во Велес се одржа Локалната конференција за социјална инклузија на млади и жени.

Проектот го имплементираат Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид и Македонското женско лоби од Скопје, а конференцијата е во организација на локалните координатори - Здружението на лица со церебрална парализа – Велес. 

Билјана Манаскова локален координатор на МАПСИ, изјави дека целта на конференцијата била да се соберат сите претставници на локално ниво, од институции и граѓански организации кои работат со целни групи жени и млади и да учествуваат во формирањето на Локалната активна платформа за социјална инклузија на општина Велес - ЛАПСИ.

- Конференцијата ќе претставува почетна точка за континуирана работа, креирање на база за понатамошна соработка и развој на дијалог, по што Локалната платформа за социјална инклузија ќе работи на подготовка на стратегија за социјална инклузија на жените и младите – ЛАПСИ од општина Велес, потенцира Манаскова.

На првиот дел од конференцијата се дискутирало за документите кои постојат на локално ниво, а се однесуваат на социјалната инклузија на маргинализирани групи. Иако секоја година општина Велес подготвува програма за социјална заштита со која се опфатени маргинализираните групи, сепак останува отворена потребата за континуиран и структуриран пристап за надминување на проблемите на целните групи.

Вториот дел од конференцијата беше посветен на конкретните чекори кои ќе ги дадат насоките врз основа на кои ќе биде изработена локалната стратегија за социјална инклузија на жените и младите во општина Велес.

Заклучено е дека преку градење на локалната активна платформа за социјална инклузија на општина Велес и континуираната соработка помеѓу институциите и НВО ќе се придонесе кон заедничко решавање на конкретни локални проблеми кои ги засегаат овие две целни групи.

- Во Општина Велес постојат стратегиски документи за родова еднаквост со опфат за социјална инклузија на маргинализирани групи. Овој проект е одлична можност сите чинители преку вмрежување во локалната активна платформа за социјална инклузија, заеднички да придонесеме кон креирање на стратегија која ја отсликува реалноста и преку соодветни мерки ќе ги реши приоритетните проблеми на младите и жените од Општина Велес, појасни Манаскова.

Проектот МАПСИ е финансиран од ИВ ИПА компонента за развој на човечки ресурси од страна на ЕУ. Предвидено е 18 општини да креираат локални стратегии за социјална инклузија на млади и жени заедно со сите локални чинители.