Македонија
14. October 2015 - 12:34

Конференција за правото на слобода на движење на Ромите на граничните премини

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорката Нина Суомалаинен, народниот правобранител Иџет Мемети, претставници од Хелсиншкиот комитет за човекови права и од повеќе здруженија на Роми и невладини организации денеска на конференција во Скопје дискутираа на тема „Ограничување на правото на слобода на движење на Ромите на граничните премини“.

Амбасадорката на Суомалаинен, потсети дека Мисијата на ОБСЕ придонесува кон развојот на антидискриминаторскиот концепт во земјата почнувајќи од 2007 година поддржувајќи го Министерството за труд и социјална политика при составувањето сеопфатен закон против дискриминација во 2010 година, како и јакнење на капацитетите на судството и на граѓанското општество.

- Дискриминацијата не треба да се случува во едно демократско општество, иако во најголем дел од земјите во светот има проблем со дискриминацијата, а земјите разгледуваат различни начини како да се справат со дискриминиаторските практики, рече меѓу другото амбасадорката Суомалаинен.

Човековите права, нагласи народниот правобранител Мемети, се основа на демократијата и предуслов за толеранција, но и влог за подобра иднина во која сите ќе можат да живеат достоинствен живот, без дискриминација.

Македонското општество, како општество на различни култури и етникуми, потенцира Мемети, треба да се залага за толеранција и почитување на различностите односно спречување на поделбите и исклучувањата по која било основа. Предрасудите и стереотипите, подвлече тој, секогаш доведуваат до поделби и нееднаков третман, поради што во реланоста се соочуваме со различно постапување кое не е ништо друго туку дискриминација која значи повреда на правото на еднаквост и раѓа чувство на незадоволство и понижување.

- Сметам дека за ефикасно справување со феноменот на дискриминација освен постоење на норми на однесување, многу значаен сегмент е свеста и познавањето на основите и формите на нејзиното појавување, особено кај оние кои треба овие законски норми да ги имплементираат во пракса, рече народниот правобранител Мемети. 

Тој упати порака дека искуствата, посебно нашите, покажуваат дека општествата кои имаат етнички различности се подложни на појава на дискриминација и оттаму, функционирањето на мултиетничкото општество, како што е нашето, налага свесност и разбирање, толеранција и почитување на различностите односно спречување на поделбите и исклучвуањата по кој било основ, а особено по етничка основа.

По воведувањето на визната либерализација, како што рече заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа, дискриминацијата е особено видлива на граничните премини при напуштање на држава, особено кон граѓаните од ромската заедница. Таа информира дека од 2013 година до денес кај Народниот правобранител поединечно се поднесени 49 претставки од Роми за ограничено право на нивно движење, кои се однесуваат на околу стотина лица на кои им е ограничено правото за напуштање на територијата на Република Македонија.

- Граѓаните најчесто се жалат на дискриминација по етничка и расна основа и повреда на правото на слобода на движење. Се жалат на постапувањето на граничната полиција на граничните премини. Во најголем број од претставките се искажани жалби во однос на постапувањето на граничната полиција на ГП Табановце при излез од Р.Србија и на ГП на аеродормот „Александар Велики“ во Скопје при излез од државата, рече Бајрамовска Мустафа, 

Според извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска, мораме да се бориме против дискриминацијата од каков било вид, а потребно е да се дејствува координирано, ако сакаме да имаме позитивен исход.