Македонија
3. May 2017 - 15:17

Конференција за популаризација на рускиот јазик

Конференција за популаризација на рускиот јазик кај учениците од основните и средните училишта се одржа денеска во Занаетчискиот дом во Куманово во рамки на долгогодишната соработка меѓу кумановската гимназија „Гоце Делчев“ и гимназијата „13“ од Санкт Петербург.

На конференцијата присуствуваа професори по руски јазик, претставници од Катедрата за славистика, локалната власт и ученици од кумановските училишта кои дебатираа како да се подигне нивото и свеста за изучување на рускиот јазик.

Директорката на кумановската гимназија Соња Тодоровска истакна дека добар дел од учениците од гимназијата кои го изучуваат рускиот јазик одбираат да студираат на еден од факултетите во Русија. Таа додаде дека кај нив со години наназад постои добар интерес за изучување на рускиот јазик, но оти секогаш постои можност да се подобри ситуацијата на ова поле.

- Со гимназијата од Санкт Петербург соработуваме девет години. Секоја година имаме возвратни посети кои ги користиме за организирање работилници, размена на идеи и искуства, а на кои се запознаваме со јазикот и културата на двата народа, рече Тодоровска.

Надежда Љубовска, професор по руски јазик и литература од гимназијата „13“ и координатор на проектот, посочи дека учениците и професорите покажуваат завиден интерес за учење на македонскиот јазик, а посебно се заинтересирани за изучување на историјата и културата на македонскиот народ.

Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски посочи дека во трите основни училишта, гимназијата и во средното училиште „Перо Наков“ се изучува рускиот јазик што го прави еден од ретките градови каде интензивно се изучува овој јазик.

- Русија е многу блиска држава на Македонија по етимологија, културолошки и блискоста по потеклото ни дава право за негување на ова пријателство кое кулминира со оваа конференција на која се промовираат придобивките од изучувањето на рускиот јазик, рече Дамјановски.

Посетата на групата професори и ученици ќе трае следните осум дена. За време на посетата учениците ќе се запознаат со културно-историските споменици и природните реткости во околината на Куманово и во останатите градови во Македонија. 

Рускиот јазик е на четврто место како најупотребуван јазик во светот на кој е напишана најголемата уметничка и стручна литература во светот.