Македонија
26. November 2017 - 10:37

Концерт на Темков и Каровски во Кавадарци

Во рамки на манифестацијата „Кавадаречка културна есен”, синоќа во Домот на културата „Иван Мазов - Климе” во Кавадарци концерт одржаа Страшо Темков на флејта и Миле Каровски на гитара.

Темков е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а Каровски професор во средното музичко училиште „Илија Николовски- Луј".

Директорот на културниот дом Владимир Темков изрази задоволство што кавадарчани имаа можност да уживаат во настан од сценско- музичката дејност на оваа институција. - Имаме незаборавна вечер благодарение на двајцата виртуози и амбасадори на нашата култура низ целиот свет кои потекнуваат токму одовде. Кавадарци се гордее со нив,  нагласи директорот. 

Каровски рече дека станува збор за волшебна комбинација помеѓу флејтата и гитарата и додаде дека сопственаата инспирација ја црпи најмногу од животот.

Според Страшо Темков, ова е кавадаречко дуо кое живее и делува во Скопје. - Првпат настапуваме тука во овој состав. Горди сме што потекнуваме од ова тло, милувам да кажам дека Кавадарци ни е како одскочна даска во животот, рече тој, најавувајќи неколку меѓународни настапи.