Македонија
10. August 2016 - 12:33

Концерт на гитара на Струмица опен фестивал

Педесет учесници синоќа беа дел од концертот на гитара што се одржа во рамки на Струмица опен фестивал 2016 во амфитеатарот во градскиот парк. На концертната вечер и претходеше тридневна работилница под менторство на Васко Пиличев и Дејан Лазаревски.

- Оваа година се пријавија 50 ученици што за ваков вид манифестација е навистина огромен број. Имаше деца на возраст од 7 до 23 години, од почетници, основци, средношколци, па до студенти по гитара. Да се видат сите тие прекрасни дечиња, задоволни средношколци, горди студенти, насолзени очи на родители, пресреќни баби и дедовци и задоволна публика е нешто неверојатно. Благодарност до сите кои го поддржаа овој настан и се надевам наредната година ќе бидеме уште подобри, изјави Пиличев.

На завршниот концерт младите гитаристи изведуваа претежно класични дела, но и обработки на македонски народни мелодии за дуо гитари, обработка на македонски евергрин и рок композиција, а првпат годинава имаше и флејта и виолини.

Струмица опен Фестивалот почна на 6 август и ќе трае до 14 август со последните три музички вечери на кои ќе настапат поголем број македонски и балкански музичари.