Македонија
13. November 2015 - 8:16

Концерт „Фантастичен бутик“ на Македонската филхармонија

Во Домот на АРМ вечер Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт насловен „Фантастичен бутик“, на кој премиерно ќе прозвучи истоимениот балет од Росини/Респиги.

Под палката на маестро Емил Табаков од Бугарија, заедно со оркестарот како солист ќе настапи почесниот уметник на Русија, Александар Књазев, за кој музичката критика вели дека е еден од најхаризматичните музичари на неговата генерација. Тој ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 во a-moll од Камиј Сен-Санс, кој се смета за еден од најдобрите концерти за овој инструмент од музичката литература. На концертот „Фантастичен бутик“ ќе биде изведено и атрактивното дело „Танц на мртвите“, исто така од Сен-Санс.

Балетот во еден чин „Фантастичен бутик“ (1918), познат и како „Волшебна/Фантастична продавница за играчки“, е создаден по идеја на Леонид Масин, кој ја направил кореографијата за либретото напишано заедно со познатиот ликовен уметник Андре Дерен, пионер на фовизмот. Оторино Респиги, пак, музиката за ова дело ја создал врз база на некои од композициите за пијано на Џоакино Росини. Респиги, всушност, бил задолжен за аранжманот и оркестрацијата. Премиерата се случила во Лондон во 1919 година, во изведба на иновативната трупа „Руски балет“ на светски познатиот кореограф Сергеј Дјагиљев. Приказната има сличности со балетот „Кукла самовила“ на австрискиот композитор Џозеф Баер, а според некои, таа е слична и со „Оловниот војник“ на Ханс Кристијан Андерсен.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти.

За почесниот уметник на Русија, Александар Књазев (1961), музичката критика вели дека е еден од најхаризматичните музичари на неговата генерација. Освен како виолончелист, еднакво успешна кариера гради и како органист.