Македонија
27. May 2017 - 17:28

Комплексот од црковни градби во Струмица крие една од најстарите фрески на Балканот

Култот за  Светите 15 Тивериополски Свештеномаченици во Струмица е присутен со векови. Нивната црква се наоѓа во југоисточниот дел  на градот до самиот локалитет  и комплексот црковни градби и сведочи за градот во доцноантичкиот период, но и за животот и делото на мачениците. И новата црква како и самиот архелошки локалитет секојдневно ги посетуваат голем број верници, но ретко кој освен стручната јавност  знае дека токму на овој локалитет се наоѓа една од најстарите фрески не само во Македонија туку и на Балканот. Станува збор за заедничка престава на петнаесетте мартири.

,,Се работи за еден од најзначајните локалитети  во Македонија во кој се гледат развојните нишки на средновековното македонско градителство и уметност. Фрескоживописот кој се наоѓа во централната крипта или гробница во средшниот дел од средновековната црква е датиран некаде од деветти до единаесетти век.,, вели Живко Велковски – историчар на уметност и виш кустос конзерватор

Фреската е откриена со почетоците на археолошките истражувања на локалитетот 1974 година и се наоѓа на западниот ѕид од централната гробница.  Од неа  постојат голем број фотографии и копии, но ретка е можноста да се види оригиналот. До него се доаѓа единстево со дозвола и помош на стручните тимови на струмичкиот завод и музеј кои после долги години овозможија телевизиска камера да го забележи ова значајно духовно и културно богатство.

,,Ова е фреско престава која што е останата уште од деветтиот век. Таа е една визуелна меморија која што христијанската заедница сакала да ја зачува за идните поколенија.,, вели Велковски

Храмот посветен на Светите 15 Тивериополски свештеномаченици уште од неговите почетоци играл голема улога во христијанизацијата на териториите источно од Вардар. Спомнувањето на храмот во историските извори од 14 век укажува на непрекинато постоење на црквата и континуирано почитување на култот на 15 - те свештеномаченици . Тие денеска се прогласени за заштитници на градот Струмица ,а  бројот на верниците кои го посетуваат нивниот храм е се поголем. Од пред неколку месеци во храмот на Светите 15 Свештеномаченци од Света Гора беше донесена  и чудотворната икона на Богородица Скоропослушница.