Македонија
9. March 2017 - 8:38

Комеморативна програма за холокаустот на македонските Евреи

Еврејската заедница во Република Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија денеска и утре со повеќе активности ќе ја одбележат  74-годишнината  од холокаустот на 7144 македонски Евреи, кои ноќта меѓу 10-ти и 11 март 1943 година биле истерани од своите домови за потоа да бидат депортирани  и убиени во логорот на смртта Треблинка. 

- Со претходно направена систематска евиденција, Евреите беа извадени од нивните домови, за да бидат испратени во Треблинка, каде беше спроведена завршната сцена на т.н. конечно решение. Во тие денови беа депортирани 7144 Евреи - мажи, жени и деца. Никој од нив не се врати. Овој број претставува 98 проценти од тогашната еврејска заедница во Македонија, потсетува Меморијалниот центар на холокаустот.

Комеморативната програма ќе опфати настани во Скопје, Штип и Битола - градовите во кои во најголем број живееле македонските Евреи во Втората светска војна. 

Во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје од 20 часот ќе се одржи комеморативна вечер, а претходно ќе бидат промовирани две книги -  „Да не се заборави“ од Бистрица Миркуловска и „Дипломатијата и депортацијата на македонските Евреи 1943“ - зборник на научни трудови од истоимената меѓународна научна конференција која Меморијалниот центар на холокаустот ја организираше со МНР, Дипломатски клуб Скопје, Институтот за национална историја и Интернационалната алијанса за сеќавање на холокаустот. 

Во Штип и Битола денеска ќе биде положено цвеќе пред спомениците на депортираните Евреи и ќе бидат посетени еврејските гробишта во двата града. Во Штип ќе биде отворена изложба „Холокаустот низ призмата на детските очи“, а во Битола ќе биде посетена градинката која го носи името на народниот херој Естреја Овадија-Мара.

Програмата за сеќавање на 7144 македонски Евреи ќе продолжи утре во Скопје, каде ќе биде положено цвеќе пред нивниот споменик во дворот на Тутунскиот комбинат-Скопје, односно поранешниот Монопол. Таму Евреите биле собирани и затворени и кон крајот на март оттаму со товарни вагони биле депортирани во логорот Треблинка. 

Цвеќе ќе биде положено и пред споменикот на депортираните Евреи и споменикот на паднатите борци во НОБ на Градските гробишта Бутел.

Делегации од Еврејската заедница во Република Македонија ќе бидат примени и од градоначалниците на Штип, Битола и Скопје.