Македонија
18. January 2017 - 14:21

Комеморација за маестро Саша Николовски-Ѓумар

По повод смртта на својот редовен професор и диригент Саша Николовски-Ѓумар денеска на Факултетот за музичка уметност во Скопје се одржа комеморација.

Во присуство на членови на семејството Николовски, професори, студенти, уметници, се обрати министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која, изразувајќи жалење, болка и тага поради ненадејната смрт на маестро Саша Николовски-Ѓумар, истакна дека тој беше врвен уметник, мајстор на својата уметност, но, пред се, човек во вистинската смисла на зборот, искрен пријател кој во луѓето секогаш го бараше најдоброто.

- Саботата беше ден во кој македонската култура изгуби многу....го изгуби уметникот кој речиси четврт век успеваше, најдлабоките и најинтимните размисли на бројните светски и македонски автори да ги претвори во  музика...онаква каква што може да ја создадат само најталентираните мајстори на диригентската палка, рече Канческа Милевска.

Таа додаде дека неговиот живот згасна токму сега, кога Саша Николовски ги уживаше своите најплодни творечки години.

- Можеби и затоа, во овие мигови исполнети со болка си поставуваме стотици прашања, дали можеше да се сочува, да биде со нас уште многу години.... Но, кога ќе се осврнеме на  сето она што Ѓумар и го остави на македонската култура и уметност, на сите нас, кога ќе се осврнеме на сето она што тој го направи во текот на својот земен живот, можеме со сигурност да кажеме дека маестрото одживеа животи на многу луѓе и дека ни остави наследство кое е достојно за длабока почит, рече министерката за култура.

Таа подвлече дека Саша Николовски беше еден исклучителен човек, една маркантна личност која македонската култура ќе ја памети, творец кој со својата професионална активност, посветеност и ангажман со години го градеше достоинството на македонската култура на национално ниво, но и во меѓународни рамки.

- Благодарение на Ѓумар десетици нови дела создадени изминативе три децении ја здогледаа светлината на денот, а другите кои веќе  беа изведени, доживуваа нови, поуверливи и помоќни претставувања. При секоја подготовка на премиерна изведба речиси неподелена беше желбата таа да биде под сигурната и сугестивна рака на маестро Ѓумар. Изведбите на Ѓумар имаа нешто друго. Нешто посебно. Нешто што влеваше сигурност и доверба кај авторите. Композиторите ја сакаа неговата харизма, неговата сугестивност, неговиот ентузијазам кој тој беспоштедно го вложуваше и во растежот на нашите национални инстутуции, Македонската Опера и Балет, Македонската филхармонија, Факултетот за музичка уметност, Сојузот на композиторите на Македонија, Охридско лето  и  се разбира Музичката младина на  Македонија, посочи Канческа Милевска.

Според неа, не можеме, а да не ја споменеме и неговата длабока посветеност на младите, неговите студенти, на кои, рече, несебично се трудеше да им го доближи сето свое знаење, но и да ја разбуди во нив страста и нескротливата енергија со која тој освои бројни партитури на големите музички мајстори.

- ...Ако има утеха во миговите кога таа ни е најпотребна на сите, тогаш нека биде тоа свеста дека великаните што оставиле трајни дела не умираат. Тие само го менуваат модалитетот на своето постоење. Остануваат да зрачат, да инспирираат, да не поттикнуваат преку своите дела. Да продолжиме да трагаме низ бескрајните пространства на музиката, секогаш  инспирирани од неговиот творечки дух и неговата големина...Маестро, длабок поклон и бескраен аплауз, рече на комеморацијата министерката Канческа Милевска.