Македонија
27. March 2017 - 14:07

Комеморација за ликовниот уметник Нове Франговски

Во Даут пашиниот амам, Националната галерија на Македонија денеска одржа комеморативна седница и оддаде почит на академскиот ликовен уметник Нове Франговски, кој по кратко боледување почина во саботата.

Пред семејството и присутните последен поздрав упатија д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија на Македонија, м-р Кристијан Санев, претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, господин Коста Граорковски, историчарите на уметност Марика Бочварова Плавевска и Љупчо Маленков, како и неговиот близок пријател господинот Никола Прелиќ.

Франговски е роден е 02.08.1939, Галичник и е еден од најекспонираните претставници на средната генерација ликовни уметници во Македонија.

Основно образование и училиште за применета уметност (вајарски оддел) завршил во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности (оддел сликарство) во Белград, 1966 година. За време на студиите излагал на повеќе студентски изложби, а во 1965 година се појавува и на „Октобарски салон“ во Белград. Член е на ДЛУМ  од 1967 година.

Во 1965 бил на студиски престој во СССР. Потоа, во 1973 бил на специјализација на Академијата за убави уметности во Рим. Други студиски престои: 1977, Париз, како добитник на стипендијата „Моша Пијаде“; 1992, Чешка; 1997, Париз.

Тој во 1990 ја основа Ликовната колонија „Галичник“ со интернационален карактер. Има реализирано над 20 самостојни изложби во Скопје, Куманово, Охрид, Велес, Струмица (Македонија), како и во Бор, Белград, Нови Сад, Рим, Сараево, Париз, Нирнберг, Истанбул, а учествувал на огромен број групни изложби и ликовни колонии во земјава и во странство. Добитник е на наградите: 1969 - Награда за сликарство на изложбата „25 Години АСНОМ“; 1982 - Награда „Нерешки Мајстори“ на Годишната изложба на ДЛУМ; Награда „Никола Мартиноски“ на изложбата ДЛУМ - цртеж 83“.