Македонија
17. November 2017 - 9:02

Комедијата „Кец на десетка“ премиерно во МНТ

Комедијата „Кец на десетка“ на авторот Митко Бојаџиски и во колективна режија вечер премиерно ќе биде изведена во Македонскиот народен театар. Во претставата играат Александар Миќиќ, Тања Кочовска, Нина Деан и Ивица Димитријевиќ. 

- Сите актери се фантастични и со сигурност тврдам дека имаме хит, рече на прес-конференција по повод новата премиера в.д. директорот на МНТ Драган Спасов-Дац. Потенцира дека режијата е колективна бидејќи сите биле вклучени во неа, во создавањето на претставата и играта.

Авторот Бојаџиски истакна дека се работи за фамилијарна приказна од која се обидел да извади на површина се што е комично.

Сценограф на „Кец на десетка“ е Татјана Блажевска-Христоска, а костимограф Ивана Каранфиловска-Уруговска. За потребите на претставата е преработена песната „Оnly you“ на Yazoo. Текстот, аранжманот и продукцијата на насловната нумера „Кец на десетка“ е на Александар Митевски, а неа ја изведува актерската екипа.

Спасов-Дац  најави дека ќе се залага во МНТ да се играат комедии кои ќе носат публика, ќе бидат издржани и без вулгарности, како и еднаш годишно да продуцираат една претстава за млади режисери, актери и драматурзи. 

„Кец на десетка“ е претпоследна премиера на МНТ во оваа година. Во подготовка е мјузиклот „Мама миа“ за кој премиерата е закажана на 24 декември.