Балкан
14. August 2015 - 9:07

Колкава е опасноста од ИД во Хрватска?

Јутарњи лист - Загреб

Експертите по безбедност за најновите настани поврзани за киднапирањето и убиството на Томислав Салопек од страна на ИД, се согласуваат дека нема апсолутна безбедност за која било земја, па така и за Хрватска, но и дека Хрватска се уште колку толку е безбедна земја.

- Ниту една држава денес не е безбедна од тероризам. Безбедни се само Ескимите и жителите на архипелагот Тонга, изјави за Хина експертот за безбедност Мате Лаушиќ, додавајќи дека сепак Хрватска влегува во редот на земји кои со оглед на она што се случува денес во светот, е безбедна земја. 

Тој вели дека нема апсолутна безбедност туку можеме да зборуваме само за максимално ниво на безбедност која некоја земја го има.

- На безбедноста треба да се работи и треба да се развива безбедносната култура кај граѓаните, а таа култура се стекнува преку воспитувањето, училиштата, медиумите, вели Лаушиќ.

Верува и дека хрватските граѓани и понатаму ќе одат во странство, без оглед на последните настани, бидејќи како што вели, човек има моќ на заборав.

И експертот за безбедност Мирко Биланѓиќ се согласува дека Хрватска се уште колку толку е безбедна земја, но додава дека кога се работи за тероризмот, постои одредено ниво на општа опасност.

- Хрватска веќе со самиот факт што е членка на НАТО, одамна е на удар, вели Биланѓиќ.

Тој смета дека досега Хрватска не била конкретна директна цел, бидејќи за тоа освен општиот контекст немало причина.

Биланѓиќ верува дека последниот настан околу киднапирањето и убиството на Томислав Салопек, сепак ќе влијае на тоа дека дел од хрватските граѓани добро ќе размислат пред да се упатат во странство.

- Тероризмот во себе има психоза на ширење на страв што за сигурно ќе влијае и на одлуката на дел од популацијата, верува тој.

Терористичката организација на Исламската држава на својот налог на Твитер објави фотографија на безживотно тело за кое тврди дека е 31-годишниот Томислав Салопек. На фотографијата на мажот за кој тврдат дека е Салопек оставиле и коментар: „Убиство на хрватски заложник поради учевство на неговата земја во војната против Исламската држава“.

Салопек беше киднапиран на 22 јули на еден пат 22 километри југозападно од Каиро. Минатата среда египетскиот огранок на Исламската држава се закани дека ќе го убие во рок од 48 часа, ако не бидат ослободени муслиманските жени.

Томислав Салопек е првиот киднапиран хрватски државјанин во некоја странска земја, а неговото убиство, ако се потврди, е прво убиство на некој странски државјанин што го извршила Исламската држава во Египет.