Македонија
14. November 2017 - 16:17

Кој го крои составот на владиниот кабинет?

Реконструкција кабинетот на Заев на помалку од 6 месеци по формирањето е можниот епилог доколку не се најде решение за недоразбирањата на релација Села – Ахмети.

Партиски извори за Сител брифираат дека за ваквата опција Премиерот Заев веќе ги информирал коалиционите партнери по најавата на ДУИ дека нема да го поддржи во Собранието секој предлог за министер кој ќе дојде од Алијансата доколку Села не му се извини на Ахмети.

Во албанскиот блок во Владата и денеска молк. Ниту во ДУИ ниту во Алијансата не може да се добие никаква официјална информација. Оттука, останува нејасно, дали Села е подготвен да му се извини на Ахмети и во спротивно, дали Ахмети е подготвен да попушти и да гласа за предлогот на Алијансата.

ДУИ има 10 пратеници во Собранието и без нив, само пратениците на ВМРО-ДПМНе можат да му помогнат на Заев да го дополни својот кабинет.

Под прашалник е и однесувањето на ДУИ при евентуална владина реконструкција и дали и тогаш, интегративците би го смениле ставот и би гласале за министер на Села или пак би барале од Заев Алијансата да оди во опозиција.

Самата најава за реконструкција на кабинетот во заев отвори низа шпекулации во јавноста меѓу кои и онаа дека Љубе Бошкоски ќе добие фотелја на Илинденска. Бошкоски за Сител вели дека до сега никој не го контактирал и дека останува да партиципира во власта со своите 4 директорски позиции.