Македонија
28. December 2016 - 16:45

Коѕијас: Прашањето на изборот на името не е споредна, туку главна работа во спорот со Македонија

Грција е единствената земја која сака стабилност во Македонија, која не се меша во нејзините внатрешни работи, ги почитува нејзината автономија, независност и сувереност, тврди шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за државната новинска агенција АНА МПА.

Според Коѕијас мерките за градење доверба со Македонија и грчките позиции за Албанија и Турција наишле на одобрување кај Европската Унија во заклучоците за земјите кандидати на крајот од словачкото претседателство.

Набројувајќи ги проектите од мерките, Коѕијас вели дека интензивната соработка ги разбива предрасудите дека Грција сака да ја дестабилизира Македонија. Идејата на Атина за мерките на почетокот беше нападната и од меѓународната заедница и од соседните земји, а сега сите сакаат да се заборави дека тоа беше грчки предлог, туку заеднички, смета грчкиот министер.

Според него иредентизмот и национализмот кои на Балканот се во подем, мора да се неутрализираат. Македонското полагање на правото на името тој го споредува со градот Александрија во Египет.

,,Тоа што Грција го бара е почитување на историјата и напуштање на иредентизмот. Секогаш велам дека сум горд оти во Египет има град Александрија, кој е поврзан со грчкото пристаниште Александропулос. Но, никој во Александрија не верува дека поради тоа што Александар Велики поминал низ тој град, тоа значи дека ним им припаѓа и Александрополис или грчката историја’’, вели Коѕијас

За шефот на грчката дипломатија изборот на името е клучен за решавање на спорот со Македонија.

,,Оттаму, прашањето што го поставуваме, а е поврзано со иредентизмот, е дека решението мора да се најде во номенклатурата. Бидејќи многумина сметаат дека номенклатурата треба да се стави настрана, морам да потенцирам дека таа е предуслов за интеграцијата на соседната земја во ЕУ и НАТО. Всушност и времената спогодба, на која се повикуваат многумина, беше со цел да се овозможи време за предлози за номенклатурата. Ние веќе ги искажавме нашите ставови по ова прашање и чекаме да ја слушнеме и другата страна’’, изјави Коѕијас.

Коѕијас на Македонија и на меѓународната заедница им порачува дека ,,приказната не е затвор, туку училиште, а во него учениците треба правилно да ја учат историјата’’.