Македонија
6. February 2018 - 16:24

Коѕиас ја повика владата да каже кое ќе биде сложеното име, македонската влада вели сите детали од Давос се веќе познати

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас побара земјава да се изјасни која одредница ќе стои пред името, откако грчката страна прифатила терминот ,,Македонија‘‘ да се содржи во името, иако преферираат словенска нијанса во одредницата.
 
Коѕијас, во интервју за Еуроњус смета дека Атина веќе го подготвува теренот за Грците да го прифатат сложеното име, но констатира дека од другата страна не постои иста таква подготовка.
 
,,Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот „Македонија“. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ. Ние го подготвуваме јавното мислење и секако како што гледате тоа си има и потешкотии. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и ова, денес додека го правиме ова интервју, ме загрижува‘‘, вели шефот на грчката дипломатија.
 
Коѕијас тврди дека во Давос Ципрас и Заев постигнале договор за спогодбата и деталите во неа, како што се идентитетските прашања и дека двете страни, а не Нимиц се тие кои ги договараат.
 
,,Во Давос се договоривме една работа: дека ќе постои спогодба која по предлог на двајцата премиери ќе ја прави нашата страна, под моја одговорност. Се чини дека некои во Скопје, на пониска функција од премиерот, се премислија и овие размислувања, господинот Нимиц сметаше дека се важни. Требаше да го потсетам дека она за што се согласија двајцата премиери важи за сите. Што се однесува до идентитетот, што да кажам: Ние, а не медијаторот ќе се искажеме во преговорите.
 
Дали се преговара за јазикот и за нацијата?
 
„Се преговара за се!“, вели Коѕијас.
 
Шефот на грчката дипломатија вели дека промената на уставното име е важна можност, меѓународните договори што ќе се склучат да се совпаднат со самиот Устав и смета дека во уставните промени би требало да биде вклучено и името. Во однос на тоа дали промените би поминале во македонското собрание, Коѕијас во интервјуто вели дека Заев има доволно мнозинство во собранието за да ратификува меѓународен договор, а уставните промени ќе се направат кога ќе дојде време.
 
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ повторно го обвинија премиерот Заев за нетранспарентност и криење информации за решавањето на спорот за името.
 
Од партијата прашаа: ,,Што договорил Заев во Давос на средбата со грчкиот премиер Ципрас? Зошто грчките власти инсистираат да не се излегува од рамката на тој договор? Што се крие од македонската јавност‘‘.
 
Од владата, пак велат дека на билатералната средба во Давос, за прв пат после две децении се откочија процесите кои водат кон достоинствено решение на отворените прашања меѓу двете земји , а за демонстрираната добра волја од двете страни јавноста беше целосно информирана.
 
,,Изнаоѓањето взаемно  прифатливо решение е можно и за таа цел во тек е преговарачки процес. Потребна е добра волја и компромис од двете страни да се дојде до решение кое ќе ги почитува достоинството и идентитет на граѓаните на двете држави. За секој следен значителен исчекор во текот на преговорите јавноста ќе биде повторно целосно информирана‘‘, одговорија од владата.