Балкан
16. February 2018 - 9:50

Коцијанчич: ЕУ работи со Белград и Приштина на правно обврзувачки договор

Официјалните претставници на Европската Унија кои посредуваат во дијалогот меѓу Белград и Приштина работат со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи за постигнување сеопфатна нормализација на односите, изјави портпаролката на висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич за приштинскиот весник „Газета експрес“.

- Двајцата претседатели покажаа конструктивна ангажираност. Стратегијата за Западен Балкан предвидува правно обврзувачки договор, додава Коцијанчич, најавувајќи дека ЕУ наскоро ќе ги повика двете страни во Брисел на нова рунда преговори.

Коцијанчич во изјавата одбила да ја коментира идејата за евентална размена на територии меѓу Србија и Косово, иако како што рекла, ЕУ е „свесна за постење на таква иницијатива“. 

Приштинските медиуми изминатаве денови објавија дека косовските официјални претставници ја разгледувале идејата за размена на територии меѓу Белград и Приштина, како и дека Тачи за тоа разговарал со странски дипломати.  

Американската Амбасада во Приштина на прашање на „Газета експрес“ одговори дека САД не ги поддржуваат „тајните преговори“, кои наводно се во тек меѓу високи косовски и српски официјални претставници за размена на територии меѓу Косово и Србија. 

САД Амбасада Косово

Амбасадата наведе дека САД се против ваквата идеја, бидејќи размената на територии би предизвикала повеќе проблеми отколку решенија.

- Ние не ја поддржуваме размената на територии или преседани што ќе предизвикаат повеќе проблеми, отколку решенија, но сите страни треба да бидат креативни за да најдат решение, стои во одговорот.

Во дописот се додава дека САД продолжуваат силно да го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ и ги охрабруваат двете страни да ги забрзаат своите напори за целосно нормализирање на меѓусебните односи.

- Ние сме подготвени да слушнеме, да помогнеме и да бидеме креативни во поддршката на напорите за постигнување сеопфатен договор, што е единствениот начин да се отвори патот кон западната иднина на Косово и Србија, се посочува во одговорот од американската Амбасада во Приштина.

На идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија отворено се спротивстави и Германија.

Германската Амбасада во Приштина соопшти дека Берлин е против поделба на Косово и дека безрезервно го поддржува косовскиот територијалн интегритет. - Игрите на таа тема се опасни, оцени Амбасадата.

Хашим Тачи

„Газета експрес“ тврди дека идејата за поделба на Косово или размена на територии со Србија е поддржана од Белград, албанскиот премиер Еди Рама и грчкиот министер за надворешни работи Никос Котѕијас.

Тачи, кој според весникот, наводно се согласил со идејата за поделба на Косово, деновиве изјави дека „идејата е далеку од неговиот ум и институциите на Косово“ и оти ваквите идеи не носат ниту мир, ниту стаблност.

Според него, идеите за поделба постоеле и порано, но тие се штетни и дестабилизирачки за Косово.

- Ова е нешто мртво. Имаше идеи за поделба и порано, но јас бев јасен, почитувањето на територијалниот интегритет е повеќе од значаен. Прашувате за вмешаност на Албанија. Тоа не е потребно. Косово е суверена земја и сама одлучува. Греши оној кој мисли дека ние дискутираме за Косово преку Албанија, посочи Тачи.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ во интервју за белградскиот весник „Курир“ изјави дека „наводниот договор“ меѓу Белград, Приштина и Тирана за размена на територии и поделба на Косово, е само шпекулација.

- Тоа е само шпекулација. Се знае дека јас ја предлагав како можност поделбата на Косово, изјави Дачиќ.

„Газета експерс“ потсетува дека големите сили, познати како Контакт група (САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Русија) во 2005 година при одредувањето на шестте начела за решавање на финалниот статус на Косово, силно се спротивставија на идејата за негова поделба.