Македонија
21. October 2017 - 16:16

Коалицијата за Живот во Македонија денеска е во реонот на Штип и Кочани

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и нивниот кандидат за градоначалник на Штип, Благој Бочварски, денеска во посета на штипските населби Караорман, Сењак, Македонка и Балканска. Тие од жителите ја побараа поддршката во вториот изборен круг, за реализација на капиталните инвестиции нотирани во програмата.

- Браната која што мораме да ја направиме е еден од крупните проекти, гасификацијата на Штип, затворениот базен, инфраструктурните проекти, кои се децидно набројани во програмата на Благојчо Бочварски-изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.

СДСМ освои мнозинство во Советот, односно 12 наспроти 11 советнички места на ВМРО ДПМНЕ, а за вториот круг Заев најави и ново засилување со електоратот на ВМРО НП.

- Јас верувам дека дополнителната поддршка на граѓаните симпатизери, поддржувачи на Народна партија ќе ја појачат разликата која сакаме да ја направиме во вториот изборен круг-додаде Заев.

Бочварски пред граѓаните ги образложи приоритетите за населбите доколку стане градоначалник и побара масовно да излезат и на 29 октомври.

- Сакам да ги повикам уште еднаш сите граѓани да ме поддржат мене, нашата голема коалиција, која гледате дека секој ден станува се поголема и во вториот изборен круг да победиме со голема и убедлива разлика, бидејќи Советот веќе го освоивме, изјави Благој Бочварски кандидат за градоначалник на Штип од СДСМ.

Од СДСМ порачаа дека по завршувањето на изборите ќе работат во интерес на сите граѓани, без разлика на нивната политичка, национална или верска припадност.