Македонија
1. April 2017 - 16:15

Клуч на врата на кујната и објектот за исхрана во тетовската фабрика - сопственикот на кујната ќе заработи пријава

Вработените со истечени санитарни книшки, кујната нерегистрирана во Агенцијата за храна и ветеринарство. Ваква состојба затекнале инспекторите при вчерашниот надзор во објектот каде била подготвувана храната за фабриката во која се затруја над 200 работници. Сопственикот ќе заработи прекршочна пријава, а од Државниот санитарен инспекторат времено ја затвориле кујната како и просторот во фабриката каде ги делеле оброците. Нема да работат се додека надлежните не добијат негативни резултати од земените брисеви од работните површини и вработениот персонал. Во меѓувреме, денеска на домашно лекување е пуштен и последниот работник кој беше задржан во тетовската болница.

- Ние ги преземавме сите мерки во наша надлежност, сите ги добија неопходните медицински услуги. Дадена им е соодтвена терапија и совети да побараат помош ако забележат влошување на состојбата, изјави Флорим Бесими директор на клиничката болница во Тетово.

Работниците во ноќната смена вечерале макарони со сос од месо. Оние кои јаделе само тестенини немале никакви тегоби.  Според информации од Агенцијата за храна и ветеринарство, од истото месо претходно имало уште три оброци и немало никакви забелешки. Два часа по јадењето, настанала вистинска драма во фабриката кога сите почнале да се жалат на вртоглавица, повраќање и болки во стомакот. Екипи на Брза Помош превезувале во возило и по 14 лица за навреме да ги однесат во болница. 

- Да бевте вие во три, 4 часот сабајле ќе видевте како е...Драмата беше во тоа што сите одеднаш бараа помош и тоа е голема бројка, вели Гзим Нуредини, началник на Брза Помош во Тетово

Додека објектите се времено затворените, сопственикот е задолжен да направи дезинфекција, дезинсекција и дератизација и темелно чистење во објектот.

Со симптоми на труење во тетовкста болница биле примени 183 работници а дел побарале помош и во гостиварската. Според лекарите, за среќа никој не бил во тешка здравствена состојба.