Свет
10. October 2016 - 8:44

Клинтон - Трамп: Разменети тешки обвинувања

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кој викендов предизвик потрес со вулгарните изјави за жените, синоќа, за време на втората дебата, изјави дека станувало збор само за „машки приказни од соблекувалната“ и возврати со жестоки обвиненија на сметка на поранешниот претседател Бил Клинтон.

Соочувањето се одржа на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, а модератори беа новинари од Си-Ен-Ен и Еј-Би-Си, пренесува Танјуг.

На почетокот на втората дебата, Хилари Клинтон и Доналд Трамп само се насмевнаа еден на друг но не се ракуваа, но на крајот сепак си подадоа рака, коментираат американските медиуми.

Уште на почетокот, дебатата се претвори во расправа за сексуалната агресија на Трамп кон жените. „Вашингтон пост“ минатата недела објави приватен разговор на Трамп од пред неколку години, во кој тој раскажува како допирал некоја жена и се обидувал да ја одведе во кревет. Трамп, синоќа рече дека му е непријатно поради изјавата, но дека станува збор за „машки разговори од соблекувална“.

Тој нагласи дека однесувањето на поранешниот претседател Бил Клинтон кон жените било многу полошо од неговото.

- Кај мене се работи за зборови, а кај него за дела, посочи Трамп.

- Го чувме како ги вреѓа жените. Слушнавме како жените, според нивниот физички изглед ги распоредува во категории од еден до десет, истакна Хилари Клинтон.

Што се однесува до електронската пошта на Клинтон и користењето на приватниот меил додека била државен секретар, таа истакна дека тоа било грешка, но нагласи дека никаков доверлив материјал поради тоа не завршил во погрешни раце.

Трамп изјави дека доколку биде избран за претседател ќе именува посебен обвинител, кој би повел истрага за Хилари Клинтон, бидејќи таа ја довела во опасност националната безбедност.

- Добро е што некој со темперамент како на Доналд Трамп не е задолжен за спроведувањето на законот во нашата земја, рече Клинтон, на што Трамп одговори: Затоа што би биле во затвор.

Клинтон го потсети Трамп дека се повеќе републиканци, поради скандалот со видео-снимката, го вртат грбот на Трамп.

- Републиканците ве оставаат, изјави таа.

Клинтон уште рече дека сака нејзината земја да биде отворена кон муслиманите, како и кон сите други и нагласи дека зборовите на Трамп за забрана на влез на муслимани во САД е само подарок за „Исламска држава“.

- Опасно и кусогледо е впуштање во реторика за муслиманите, каква што користи Трамп, истакна Хилари Клинтон.

Таа тврди дека и Русија одлучила и дека го посакува Трамп на местото претседател на САД, пренесува Танјуг.

Трамп изјави дека не му се допаѓа сирискиот претседател башар ал Асад, но дека тој, заедно со Русија и Иран убива припадници на ИД.

Клинтон, исто така, изјави дека смета оти копнените сили во Сирија би биле сериозна грешка и оти се надева дека Исламска држава, кога таа ќе дојде на власт, ќе бидат истерани од Ирак.

- Се што таа направи во надворешната политика беше погрешно и беше катастрофа, рече Трамп за Клинтон, зборувајќи за времето кога беше државна секретарка.

Клинтон и Трамп се судрија и за неколку други прашања, како што е данокот и здравственото осигурување.

Неодамна беше објавено дека републиканскиот кандидат за Белата куќа на легален начин, можеби, избегнувал да плаќа данок цели 18 години, на што Трамп одговори дека „брилијантно ги користел“ американските даночни закони со цел да го намали износот на данокот кој морал да го плати и додаде дека тоа му помогнало да го преживее тешкиот период на пазаорот со недвижнини.

Во расправата потврди дека го искористил големиот губиток во 1996 година за да го намали износот на данокот, но нагласи дека на државата и плаќа огромни даноци.

- Сите ваши пријатели извлекуваат корист од таа одредба, и рече Трамп на Клинтон, на што таа одговори дека неговото избгнување на плаќање данок ќе го зголеми данокот за самејствата од средната класа.

Што се однесува до Обамакер, системот на здравствено осигурување, Трамп рече дека тој е катастрофален и оти ќе се урне сам од себе во 2017 година.

Дебатата беше одржана на начин што дел од прашањата ги поставуваа модератори, а дел публиката. Кандидатите можеа слободно да се движат по сцената и да се обраќаат диркетно на оние кои ги поставуваа прашањата.