Балкан
11. January 2016 - 17:15

Кланот Мицотакис се враќа на лидерската позиција во Неа Демократија

Уште еден  член на фамозниот клан Мицотакис дојде на лидерската позиција во сега опозициската грчка Нова Демократија, по оставката на креаторот на спорот за името Андонис Самарас.

Новиот лидер на партијата, Кирјакос Мицотакис е син на Константин Мицотакис, кој беше Премиер на Грција од 1990 до 1993 година, кога Атина го проблематизира името на Македонија и го помести во врвот на националните интереси.

47- годишниот Кирјакос е и брат на Дора Бакојани, шефицата на грчката дипломатија, која одигра клучна улога во поставувањето вето за членство на Македонија во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во 2008. година.

Враќањето на врвот на политичката сцена на едно од највлијателните семејства во Грција може да претставува дополнителен проблем во напорите за решавање на спорот за името, покрај фактот што главен коалиционен партнер на Владата на Премиерот Ципрас е ултранационалистот Панос Каменос, кој не прифаќа какво и да е име во кое ќе се содржи терминот Македонија.

Во првиот настап по победата на партиските избори Киријакос Мицотакис рече дека има намера да ја врати Нова Демократија на власт.

,,Целта на Нова Демократија е да ги обедини сите сили на едно место наспроти популизмот и некомпетентната влада. Мандатот е јасен, обединети да се движиме напред во обновувањето на Нова Демократија за да стане главна десноцентристичка партија што ќе и даде на земјата кредибилна алтернатива за владеење со државата‘‘, рече Мицотакис.

Ставовите на Мицотакис по однос на спорот за името засега не се експонирани, а грчките и светските медиуми оценуваат дека новиот лидер на конзервативците ќе изврши силен притисок врз Ципрас во Парламентот пред се при критичното гласање за пензиската реформа и другите закони поврзани со програмата за решавање на должничката криза.