Македонија
22. July 2017 - 17:02

Ќе се укинува титулата Национален уметник

Ќе се укинува титулата национален уметник. Министерството за култура веќе подготвило нацрт закон за укинување на овој статус кој на македонските уметници со врвни достигнувања им беше овозможуваше месечен паричен надоместок од две просечни плати, односно околу 45.000 денари до крајот на својот живот. Уметниците со ваква титула имаа право и на монографии издадени  со буџетски пари. Досега ваков статус добија шест уметници и тоа: Симон Трпчевски, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов, Ана Дурловски и Никола Маџиров, а петмина го користат ова право. На годишно ниво за нив државата трошеше околу 4 милиони денари односно околу 65 илјади евра.

„Се цени дека Законот создава нерамноправен третман меѓу уметниците, а постојат и други механизми на стимулирање на творештвото, како што се државните награди, стекнување на право на месечен надоместок по остварување на право на пензија, стимулативни мерки преку откупи на дела и други тековни форми на стимулирање на творештвото од национален интерес“, пишува во образложението на нацрт-законот до кој дојдовме.

Спред нацртот на законот Трпчевски, Манчевски, Трајанов, Дурловски и Маџиров и понатаму ќе добиваат паричен надоместок до крајот на нивниот живот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека во услови кога македонската култура, јазик и идентитет се нападнати и оспорувани, овој удар кој го зададе власта е најболниот бидејќи доаѓа од внатре.

СДС има пари да вработува и да ангажира дополнителни советници во министерството за култура, докажани партиски војници, учесници во шарената револуција, членови или управници на невладини организации, членови во Соросоодните организации, а нема пари за вреднување на културните успеси. Укинувањето на титулата национален уметник е порака кон тие кои го добиле ова признание дека не го заслужуваат и затоа таа титула треба да престане да се доделува“.

Министерството за култура ќе ја фиксира и национална пензија која ја добиваа уметниците, на најмногу 38.500 денари. Фиксирањето на пензијата е дел од штедењето на владата. Досега уметниците освен редовната пензија која ја оствариле согласно нивните примања добиваа и разлика до највисоко исплатената пензија во државата што во моментов изнесува околу 47.700 денари. За оваа намена годишно се трошеле околу 185 илјади евра, а дополнително се создал и дефицит од околу 100 илјади евра поради зголемувањето на највисока пензија.

Министерството за култура предлага и измени во делот на изборот и разрешувањето на директор на националните установи од областа на културата. Освен досегашните критериуми за директор ќе треба да се има и петгодишно искуство областа на културата, независно дали се работи за човек кој бил редовно вработен или работел со договор за дело.

Со предлог измените на законот за култура се дава можност министерот за култура да го разреши директорот на националната установа, доколку се утврди дека истиот во рок од шест месеци остварил недостатоци или загуби во работењето на установата.