Македонија
29. July 2016 - 10:22

Ќе се реконструира детската градинка „Сонце“ во општина Ново Село

Наесен ќе почне реконструкцијата на детската градинка „Сонце“ како активност во рамки на проектот „Енергетска ефикасност во насока за постигнување подобра животна средина во градинките“ од прекуграничната соработка меѓу Ново Село и Сандаски од Република Бугарија.

Проектот чини 400 илјади евра обезбедени од приоритетната оска бр.1 - животна средина, специфична цел 1.1 заштита на животната средина и одржлива употреба на заедничките природни ресурси во прекуграничниот регион од Програмата за прекугранична соработка ИНТЕРРЕГ – ИПА помеѓу Бугарија и Македонија.

Од општината информираат дека веќе во посета биле претставниците на координативното тело кое е составено членови на ЗТС - Ќустендил, Министерство за регионален развој на Бугарија и Министерство за локална самоуправа на Македонија.

- По оваа посета очекуваме да се потпишат договорите за финансирање до крајот на септември со што и официјално ќе отпочне реализацијата на овој проект. Реконструкцијата на градинката е предвидена да трае 12 месеци и ќе ги опфати следните активности: подобрување на изолацијата преку поставување на нова термофасада, отстранување на азбестниот покрив и поставување на нов лимен покрив со изолација, нови ПВЦ прозорци и врати, подобрени системи за водовод и канализација, инсталирани соларни колектори за производство на топла вода за градинката, замена на постоечкото осветлување со ново енергетски ефикасно, вели градоначалникот на општина Ново Село, Блажо Велков.

Објаснува дека по звршувањето на реконструкцијата наредните 12 месеци ќе се одвиваат т.н. меки мерки за зајакнување на капацитетите на градинката.

До пред една година градинката беше клон – 5 на градинката во Струмица. Локалните власти информираат дека од нејзината изградба во далечната 1974 година до денес не биле преземени никакви градежни зафати.

- Со овој проект градинката ќе добие нов лик и ќе ги подобриме значително условите за престој на нашите најмили и најмали граѓани, вели Велков.

Ново Село и Сандански за реализација на активностите ќе поделат по 200 илјади евра од европските пари.