Бизнис
22. September 2017 - 16:40

Кинеска државна делегација доаѓа во Македонија за проблемите со автопатиштата

Висока кинеска државна делегација доаѓа во Македонија, дознава Сител. Извори од МНР, брифираат дека делегацијата ќе ја предводи заменикот министер за надворешни работи на Кина, а посетата ќе се реализира во првата половина од октовмри, пред локалните избори. Една од темите за кои кинеските власти ќе разговараат со македонските ќе биде и изградбата на двата автопати.

Најавата за посетата доаѓа само еден ден откако македонската и кинеската страна постигнаа договор за надминување на проблемите со изградбата на автопатот Штип – Миладиновци. Со договорот двете страни се обврзаа да се откажат од сите досегашни побарувања, како и од можноста за нови до 15 февруари 2018 година. Овој рок се става во договорот за да не се случи повторно да има одложувања и автопатот да биде довршен заклучно со октомври догодина.

Од понеделник ќе почнат и преговорите за надминување на проблемите што настанаа во изгрдбата на автопатот Кичево – Охрид. Дополнителна потешкотија во овој случај ќе бидат парите затоа што за довршување ќе бидат потребни нови 130 милиони евра.

Овие два автопати ги гради кинеската компанија Синохидро, со кредит од кинеската Ексим банка во висина од 580 милиони евра.