Свет
8. March 2016 - 9:32

Кина нема да дозволи нарушување на нејзиниот суверенитет над Јужното Кинеско Море

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска, на годишната прес-конференција во Пекинг остро се спротистави на обидите за мешање на други држави и организации во решавањето на актуелните спорови околу сувереноста над територијата на Јужното Кинеско Море.

Ванг Ји истакна дека повикување на правото за слободна пловидба не им дава право на други држави да прават што сакаат.

Овој остар политички став е и официјален одговор на одлуката на Морнарицата на САД да ги придружува филипинските воени бродови кои пловат во близина на воените и цивилни населби што Кина ги гради на Спратли гребените во водите на спорното море.

Министерот Ванг изјави дека изградбата на воени објекти и аеродромски писти во Јужното Кинеско Море се со дефанзивна намена. Обвинувањата дека Кина се милитаризира се неосновани, смета тој, додавајки дека има многу држави во регионот кои многу повеќе вложуваат во оружје.

Кина има прогласено речиси целосен суверенитет над територијата на Јужно Кинеско Море, а на тоа се спротиставуваат Филипините, Виетнам, Малезија, Брунеј и Тајван. Овој важен стратешки и економски простор е и предмет на спорови пред Меѓународниот суд за поморско право, но Кина нема да ги признае одлуките на судот во Хаг и упатува споровите да се решаваат билатерално.

Низ водите на Јужното Кинеско Море поминуваат над 70 отсто од стоките што се транспортираат со бродови низ светот. Морето е многу богато со риба, а има и огромни резерви на нафта и природен гас.