Свет
24. July 2017 - 21:05

Кина бара од Индија да ги повлече своите војнци од спорно плато во реонот на Хималаите

Официјален Пекинг побара денеска од Владата во Њу Делхи да нареди повлекување на своите војници од реонот на Хималаите, кај платото Доклам, порачувајќи и на индиската страна „да не си игра со својата среќа“.

Според индиското објаснување, околу 300 војници, од двете страни на границата, се одалечени на околу 150 метри едни од други, на спорното плато.

Станува збор за реон, за кој покрај Индија и Кина, свои интереси има и малата, потхималајска држава Бутан.

Кинеско-индиските недоразбирања настанаа во јуни, годинава, кога кинеската војска почна да гради пат на платото Доклам, насочувајќи ја трасата директно кон индиската граница.

Бутан веднаш побара помош од Индија, која испрати свои војнци во спорниот реон кои до таму се префрлија преку територијата на другата мала држава во регионот- Сиким.

Кинеското министерство за одбрана ја предупреди индиската Влада „да не ја потценува одлучноста на Кина“ да ја обезбедува кинеската територија на платото Доклам.

Во Њу Делхи меѓутоа тврдат дека градењето пат до самата гранична линија носи за Индија „сериозни импликации“, обвинувајќи го Пекинг за „самоволно растурање на постоечкото статус-кво„ во тој регион.

Платото не е дел од индиската територија, но Владата во Њу Делхи вели дека „Индија е мошне чувствителна“ кон кинеските градежни активности на платото, затоа што и овозможуваат на Кина коридор, во реон преку кој земјата се поврзува со одалечените североитсочни држави„

Индиската страна ја изразува подготвеноста за разрешување на ситуацијата низ разговори, додека Пекинг го условува дијалогот со повлекувањето на индиските војници.

Индија и Кина имаат граница долга 3500 км за која во најголемиот дел, двете земји спорат меѓусебно.Во 1962 година, тие водеа кусотрајна, но крвава војна во хималајскиот регион.