Свет
22. August 2017 - 10:32

Ким Џонг-ун тајно посетил воена единица на границата со Јужна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на почетокот на овој месец тајно посетил една воена единица во близина на границата со Јужна Кореја, изјавиле официјални претставници за агенцијата Јонхап.

Според изворите, неговата посета не била медиумски проследена.

Јужнокорејската војска смета дека неговата ненајавена проверка е необичен потег кој можеби претставува нова воена провокација на Пјонгјанг кон Сеул.

Ситуацијата на Корејскиот полуостров се уште е тензична. Јужна Кореја и САД вчера започнаа воени вежби, а засега не е познат бројот на војниците кои учествуваат во маневрите.

Северна Кореја ги смета тие вежби како непријателска акција, која дополнително ги зголемува тензиите на полуостровот.