Свет
8. May 2016 - 8:50

Ким Џонг-ун: Северна Кореја нема прва да употреби нуклеарно оружје

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, во текот на Седмиот конгрес на владаечката Работничка партија, но прв во последните 36 години, денеска изјави дека неговата земја нема прва да употреби нуклеарно оружје, освен во случај на повреда на нејзиниот суверенитет, пренесоа севернокорејските медиуми.

-Нашата република е одговорна нуклеарна држава која, како што и претходно истакнувавме, нема  прва да употреби нуклеарно оружје, освен доколку агресивните непријателски сили употребат нуклеарно оружје за да го повредат нашиот суверенитет, истакна Ким Џонг-ун во обраќањето до претставниците на неговата партија, пренесоа американските медиуми.

Ким додаде дека Северна Кореја „искрено ги исполнува сите свои обврски на полето на нуклеарното разоружување и ќе работи на укинувањето на нуклеарното оружје во светот“.

Тој наведе и дека е подготвен да работи на подобрувањето на односот со „непријателските“ држави, што, според оценката на американските медиуми, претставува дипломатски пресврт поради меѓународниот притисок врз официјален Пјонгјанг заради неодамна спроведените нуклеарни проби и тестирањето ракети со долг досег.

Ким во говорот рече дека Пјонгјанг е подготвен да ги унапреди и нормализира односите со земјите кои кон нив се непријателски, доколку тие го почитуваат суверенитетот на Северна Кореја и и пристапат на пријателски начин.

Лидерот на Северна Кореја, исто така, повика на поинтензивни разговори со ривалска Јужна Кореја, со цел да се ублажат недоразбирањата и недовербата меѓу двете земји, и апелираше до САД да не се меша во меѓукорејските прашања, пренесе севернокорејската државна агенција КЦНА.

На овој историски конгрес на партијата, што последен пат беше оддржан во 1980 година, Ким, исто така, најави петгодишен план за развој на неразвиената севернокорејска економија, што ќе почне да се применува од оваа година.