Свет
8. January 2016 - 8:30

Кери: Ставот на Кина кон Пјонгјанг се покажа неуспешен

Американскиот државен секретар Џон Кери денеска изјави дека во телефонски разговор со кинескиот министер за надворешни работи јасно ставил до знаење дека ставот на Кина кон Северна Кореја се покажал неуспешен и дека е време тоа да се промени, по наводното тестирање на хидрогенска бомба од страна на Пјонгјанг.

-Кина имаше одреден пристап (кон Пјонгјанг). Ние тоа го почитувавме и се согласивме со тоа за да им дадеме простор тоа и да го применат. Во денешниот разговор јасно ставив до знаење дека тоа не успеа и дека не можеме да продолжиме на тој начин, рече американскиот државен секретар.

Британските меидуми пренесуваат дека Кери ова го кажал во телефонскиот разговор со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

Како што пренесе јужнокорејската агенција Јонап, двајцата дипломати се договориле на поблиска соработка за да се утврдат чекорите што можат да се преземат во врска со растечката загриженост за неодамнешниот нуклеарен тест на Пјонгјанг.

Истовремено, Пентагон соопшти дека американското Министерство за одбрана и натаму ги разгледува опциите со Јужна Кореја што ќе бидат одговор на тестирањето на бомбата на Северна Кореја.

Портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби, во средата изјави дека американската Влада смета дека Северна Кореја извела нуклеарна проба и дека се сомнева во вистинитоста на тврдењето на Пјонгјанг дека во прашање е првиот тест на хидрогенска бомба.

И Џош Ернест, портпаролот на Белата куќа, рече дека првата анализа не е во согласнист со тврдењата на Северна Кореја дека успешно извела прво тестирање на хидрогенска бомба, пренесоа француските медиуми.