Балкан
20. November 2017 - 11:41

Катимерини: Западот активиран да ги затвори отворените прашања на Западен Балкан

Од сите страни пристигнуваат пораки и сигнали кои покажуваат дека претстои развој во однос на темата околу спорот за името на Поранешната Југословенска Република Македонија, пишува „Кетимерини“.

Во коментар под наслов „Западот, Скопје и НАТО“, весникот наведува дека една вест што дојде од Сараево покажува дека Западот е активиран да ги затвори отворените прашања на Западен Балкан, меѓу кое е и она на Грција за името на Македонија.

„Тие брзаат во НАТО да ги интегрираат земјите кои се наоѓаат надвор од евро-атлантските структури за да се запре рускиот влез што се заканува да ја поткопа нивната прозападна ориентација“, пишува весникот.

По влезот на Црна Гора во НАТО, во чекалната на североатлантската алијанса се наоѓаат Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, додека Србија претставува специјален случај поради нејзините силни врски со Москва и покрај тоа што таа најмногу „се храни“ од западни инвестиции.

Логично, според „Катимерини“, од трите кандидатури Скопје има приоритет со единствена пречка, особено за НАТО, отворениот спор со Грција за името. Сепак, минатиот вторник во Сараево шефот на воениот комитет на НАТО, Петар Павел, изјави дека Босна ги исполнила техничките воени услови за да премине во следната фаза на проценка од страна на НАТО.

„Атина многу брзо директно ќе се соочи со прашањето за членство на ПЈРМ во НАТО, дури и со акроним. Пораки пристигнуваат од секаде. Брисел и Вашингтон се решени да го затворат прашањето и системски да работат во таа насока“, наведува „Катимерини“.

Весникот пишува дека „во Скопје, Владата на премиерот Зоран Заев, создава клима на оптимизам за тоа дека ќе ги нормализира односите со Грција и во исто време ги забрзува реформите, за да го покрие загубеното време што го остани неговиот претходник Никола Груевски“.

„Во исто време, се преземаат акции за да се подготви јавното мислење во земјата, а во таа насока беше изјавата на премиерот дека не е лоша идејата за смена на името на скопскиот аеродорм Александар Велики во Киро Глигоров, или да се формира комисија во Министерството за култура кое ќе го преразгледа прашањето за статуите во главниот град“, коментира „Катимерини“.

Весникот на крајот потсетува дека на почетокот од следната година се очекува бурен развој на настаните, и оти „судбината на ПЈРМ е во преден план на Европејците и Американците“.