Македонија
24. November 2017 - 10:10

„Катимерини“: Средбата со Нимиц знак за континуитетот на позитивната клима

Средбата меѓу претставници на Македонија и Грција со посредникот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц, која е закажана за 11 и 12 декември во Брисел е знак за континуитетот на позитивната клима, која се создаде во односите меѓу двете земји по промената на власта во Македонија, јавуваат грчките медиуми, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Следниот самит на НАТО, кој треба да се одржи на 11 и 12 јули во Брисел се јавува во функција на некаква временска рамка, која го придвижува решавањето на спорот и постигнување взаемно прифатливо решение. Македонија се надева дека конечно ќе се отвори патот да стане членка на Алијансата.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас повеќе пати напомена дека прашањето ќе биде решено во првата половина на 2018 година, предупредувајќи дека доколку ова не се случи ќе има големи потешкотии.

- Ако не се реши спорот ќе има големи потешкотии. Ако се реши потребни се три до четири месеци бирократски процедури во ОН. Така што сето тоа ќе биде завршено до крајот на 2018. Во 2019 година ќе почнат претседателските избори во соседната земја, летото 2019 ние ќе имаме избори, изјави неодамна Коѕијас. 

Грчките медиуми коментираат дека прашање е дали промената на власта во Македонија навистина значи и промена на ставот. 

- Ставовите изнесени од премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров се умерени и проткаени со духот за подготвеност за компромис. Но, сепак, има голема разлика од изјавите во јавноста до суштинско усвојување на поинаква позиција. И секако не е во прашање само името нешто што предизвикуваа големи реакции во ПЈРМ. Дури и да се постигне взаемно прифатливо решение, потребно е да се има подготвеност тоа да се употребува, пишува „Катимерини“.

Двете земји додава весникот, спроведуваат мерки за градење доверба, преку мали и лесни чекори, но симболични и мошне корисни. 

Во тој контекст, коментираат грчките медиуми е забележливо и смирување на страстите, околу агендата на поранешниот премиер Никола Груевски околу проектот Скопје-2014.